Членови на криминални групи користат услуги за испорака на храна како параван за превоз на дрога и други нелегални производи за време на кризата предизвикана од коронавирусот поради која земјите низ целиот свет воведоа рестриктивни мерки, соопшти денеска Интерпол.

Меѓународната полициска организација соопшти дека примила извештаи од полициите во Ирска, Малезија, Шпанија и Велика Британија во кои се тврди дека возачите превезувале кокаин, марихуана, кетамин и екстази.

Претходно овој месец, шпанската национална полиција идентификуваше и уапси седум лица обучени како возачи на храна во Аликанте и Валенсија, соопшти Интерпол.

Тие, всушност, испорачувале кокаин и марихуана со велосипед, мотор и автомобил во ранци за достава.

Во Ирска полицијата открила осум килограми кокаин, како и два пиштоли скриени во кутии за пица, соопшти Интерпол.

МИА