Бранка Д. НАЈДОВСКА

Игор Дурловски е еден од најзначајните македонски оперски уметници, кој со својот моќен и прецизен бас успеа да изгради импресивна меѓународна кариера. Настапувал на реномирани оперски сцени и фестивали во Европа и светот, прикажувајќи врвна музичка и сценска интерпретација.

Неодамна, по повод 120 години од погубувањето на Александар Турунџев, оперскиот пејач го промовираше видеото за песната „Цела се Битола расплака за Александар Турунџев“, а деновиве со сопругата Ана Дурловска (оперската двојка е 22 години во брак и имаат три деца, Максим и близнаците Лука и Софија), се вратија од Јапонија, каде што настапија во рамките на Експо 2025 во Осака, со камерниот оркестар „Ајга“.

Додека се подготвува за улогата на Аркел во Pelléas et Mélisande од Дебиси (кога за првпат ќе настапи во Ла Коруња, Шпанија), за октомврискиот настап (заедно со сопругата Ана), во една од најпрестижните светски сали – „Златната сала во Музикферајн во Виена, за нивниот концерт на 17 декември во Скопје по повод 25 години на оваа уметничка двојка на сцената, но и за неговата следна продукција со десет претстави во Италија (Театро Реџо во Торино, како Анџелоти во „Тоска”), одвои време да поразговараме за неговите пејачки искуства, погледите кон иднината на оперската уметност, културата, младите во неа…

 

Како поминавте во Јапонија г-дине Дурловски?

Јапонија секогаш е посебно доживување. Впечатокот е дека таму публиката ја доживува класичната музика со особена посветеност и тишина која зборува повеќе од аплаузот. Јапонците имаат ретка култура на слушање, уметникот таму чувствува дека секој тон е прифатен со благодарност.

Кoja е улогата на операта во едно општество кое брза по дигитални и популарни форми на забава?

Операта не’ потсетува на нешто суштинско, на живиот, неповторлив момент. Во време на дигитални копии и виртуелна забава, операта е една од малкуте дисциплини, токму затоа што е реална и неповторлива.

Како гледате на иднината на операта во Македонија и регионот?

Сметам дека иднината зависи од два факторa, од системскатa поддршка на институциите и од желбата на младите да ја прифатат операта како сопствен јазик. Има таленти и има љубов, останува на ФМУ и на културните институции да поддржат.

 

Дали мислите дека младите генерации може да се вљубат во операта на ист начин како во модерната музика?

Убеден сум, но наше е да им ја понудиме на разбирлив начин, преку едукативни програми, креативни проекти и приближување на сцената кон нивните светови. Убавината на операта е универзална, само треба да се открие.

Што би требало да направи македонската културна сцена за операта да биде поприсутна и подостапна?

Во последнава година може да се забележи дека се работи, има позитивни иницијативи, се отвораат нови можности и се создаваат услови операта да биде понагласено присутна во културниот живот. Секако, процесот е постепен и бара континуитет, но токму оваа динамика буди надеж дека операта ќе стане подостапна и поблиска до пошироката публика.

Која случка во Вашата оперска кариера најмногу Ве обликувала како уметник?

Не би можел да издвојам една единствена. Секој настап, секое искуство на сцената, секоја соработка со диригент или режисер е како мало делче од еден голем мозаик. Токму тие делчиња, кога ќe се состават, ја создаваат сликата на моето уметничко патување и ме обликуваат и како пејач и како човек.

 

Кога пеете, дали повеќе мислите на техниката или на емоцијата што треба да ја пренесете?

– Најдобриот одговор е и двете. Техниката е темелот без кој нема уметност, но емоцијата е она што ја надминува самата изведба. Јас ја доживувам техниката како алатка за да можам слободно да ја изразам емоцијата, без ограничувања.

Кој лик од оперите Ви е најблизок по дух?

Сарастро од Волшебната флејта. Неговата смиреност, духовна мудрост и вера во вистината се особини кои многу ги ценам и се стремам да ги носам и надвор од сцената. Радосен сум што во ноември 2026 година со истата улога ќе настапам во една од најреномираните оперски куќи во светот NCPA во Пекинг.

Кој Ви бил најтежок, а кој најубав период на сцената?

Најтежок и најубав во исто време, беше враќањето на сцената во 2018 година, во улогата на Тимур во Турандот. Тоа следеше по еден навистина тежок и бурен период од мојот приватен живот, кој остави силен белег врз мене. Сепак, токму тој настап стана за мене симбол на нов почеток, на внатрешна победа и моќта на уметноста.

 

Ако можете да изберете да пеете со оперски пејач од историјата, кој би бил тој?

Чезаре Сиепи. Неговиот глас и стил е неповторлив. Би било незаборавно искуство да се сподели сцена со таков уметник.

Кога ќе застанете на сцена, што е тоа што најпрво сакате да го почувствува публиката? Силата на гласот или човечноста зад него?

Не силата на гласот, туку вистината зад него. Гласот е инструмент, но човечноста е суштината.

За операта често велат дека секој лик е и огледало на пејачот. Во кој лик најмногу се „препознавате”?

Спарафучиле, платен убиец со истакнато чувство за стил (се смее, нов.заб). Се шегувам, секако. До сега сум играл повеќе од четириесет улоги, но не сум сретнал улога или наслов каде што можам да се препознаам.

Што вреди повеќе од публиката: емотивната тишина или долгиот аплауз?

Тишината. Таа говори дека срцата биле погодени. Аплаузот е благодарност, но тишината е сведоштво.

 

Дали операта денес е класична уметност што се брани од заборав или жива сила што сè уште може да го освојува светот?

Не е носталгија, туку жива сила. Таа е доказ дека класичната уметност може и денес да допре до најсовремениот човек.

Често слушаме дека културата е на „маргините“. Дали се чувствувате понекогаш како да пеете за публика што ја нема?

Всушност, искуството ми покажува нешто многу охрабрувачко. Во западноевропските театри често нема толку млади луѓе на претставите како тука во Македонија. Нашата публика, особено младите е живиот доказ дека оперската уметност има смисла и иднина. Таа е присутна, љубопитна и подготвена да ја доживее магијата на сцената што е за мене исклучително позитивно и инспиративно.

Од што преживува операта овде: благодарение на љубовта на уметниците или на поддршката од институциите?

Оперската уметност сама по себе е сложена и на некој начин неодржлива. Без љубовта и посветеноста на уметниците нема да има вистинска душа на сцената, но исто така, без поддршка од институциите е тешко да се создаде висококвалитетна и одржлива продукција. Само кога овие две сили се спојуваат, страста на уметникот и системската поддршка е тогаш операта може да биде вистински жива, достапна и инспиративна за публиката.

Кога е поболно: кога нема доволно услови за работа или кога нема доволно интерес од публиката?

Кога нема публика. Условите се менливи, но без публика нема смисла.

 

Може ли Македонија да создаде „светски оперски центар“ или сме осудени да бидеме мал пазар?

Не можеме да бидеме ново Милано, Берлин, Виена, Парис, но можеме да создадеме автентичен регионален центар, ако ги искористиме нашите таленти и традиција. Мала држава не значи и мала култура.

Имало ли моменти кога сте посакале да ја напуштите сцената и, што ве вратило назад?

Никогаш не сум посакал да ја напуштам сцената како таква, но имав периоди во мојот живот кои ме оттргнаа од неа. Токму тие моменти ми покажаа дека повратокот на сцената не е само враќање во професијата, туку и потврда на страста, посветеноста и смислата што оперската уметност ја носи во мојот живот.

Како е да се биде во брак со колешка?

Нашиот брак со Ана е партнерство, во кое учиме еден од друг и заедно го балансираме животот и професијата.

 

Покажува ли некое од децата интерес за операта?

Покажуваат интерес, но пред се’ ги охрабруваме да го најдат својот сопствен пат. Ако тоа е музиката ќе бидеме радосни, ако е нешто друго, уште повеќе, затоа што ќе значи дека го избрале нивното вистинско јас.

Пред Вас се бројни и возбудливи проекти. Што им е заедничко?

Секој од нив носи различна енергија, но заедничко им е тоа што сите тие, секогаш, бараат целосна посветеност и дисциплина.