„Законот за Судски совет е наша обврска кон правдата, а не компромис со оние што со години ја уриваат. Ова е коренита реформа на системот кој мора да функционира во служба на граѓаните, а не на интересите на малкумина“, вели во интервју за КУРИР министерот за правда Игор Филков, кој од опозициските „критичари“ бара да одговорат зошто СДСМ ги прикриваше неуспесите и со години наназад ги толерираше истите тие структури во Судскиот совет што денес сите ги гледаме како проблем.

Запрашан за очекувањата од претстојните Локални избори и соработката со ВМРО-ДПМНЕ, Филков вели дека ова не е само коалиција. „Ова е фронт за враќање на државата. Затоа и им пречиме. Затоа и почнаа со етикети. Но оваа генерација на политичари нема да биде заложник на старите матрици. Локалните избори ќе покажат дека граѓаните сакаат луѓе со став, со морал и со резултати.

Министерот за правда очекува дека одредени политички структури ќе се обидат да креираат хаос и недоверба, особено кога губат влијание, но потенцира дека граѓаните сѐ повеќе ги препознаваат тие обиди.

КУРИР: Министре Филков, Реформската агенда е документ од кој произлегуваат многу обврски. Зошто е толку битна за  граѓаните ?

Филков: Реформската агенда не е само документ. Таа е патоказот кој го презедовме како обврска пред граѓаните и Европската Унија. Секоја точка во таа агенда значи нешто конкретно – фер судење, независен судија, заштита на жртви, поголема доверба. Тоа е агендата што сите претходно ја игнорираа, а ние  интензивно и посветено работиме на неа. До денес, од осумте закони со рок до јуни 2025 година – седум се веќе испратени во владина процедура: Закон за Судскиот совет, Закон за платите на судиите, Закон за платите на јавните обвинители, Закон за платите на членовите на Судски совет на Република Македонија, Закон за платите на членовите на Советот на јавните обвинители на Република Македонија, Законот за судска служба и Законот за јавнообвинителска служба. Освен овие закони, до Влада се испратени уште четири: Закон за спречување на корупција и судир на интереси, Закон за парнична постапка, Закон за прекршоци и Закон за заштитено пријавување и заштита на укажувачи.

Ние не брзаме, туку работиме навремено и суштински. Целта не е да одбележиме „закон доставен“, туку да доставиме закон кој ќе го издржи времето и тестот на довербата. Секој од тие закони е резултат на дебати, консултации и експертска работа. Реформите се сериозни – и тоа се гледа и од фактот дека Венецијанската комисија даде позитивно мислење за Законот за Судски совет. Тоа не е мала работа. Тоа е европски печат.

КУРИР: Голем интерес во јавноста предизвика Законот за Судски совет . И покрај интерпелацијата на членовите на Судски совет кои беа избрани од Собранието и низата скандали на ова тело, гледаме дека тие немаат намера да се повлечат од функцијата. Што ќе добиеме со овој закон и дали конечно ќе се регулираат критериумите за избор и разрешување?

Филков: Да бидам  јасен: Законот за Судски совет е наша обврска кон правдата, а не компромис со оние што со години ја уриваат. Ова е коренита реформа на системот кој мора да функционира во служба на граѓаните, а не на интересите на малкумина.

Јавноста е со право згрозена од скандалите и непотизмот во телото кое треба да биде чувар на судската независност. Она што го видовме – од игнорирање на етичките норми до бегање од одговорност – е неприфатливо во било кое демократско општество. Интерпелацијата не беше само политички чин – беше повик за морална одговорност. Но очигледно, некои ја изгубиле чувствителноста на јавниот срам. Затоа државата мора да постави нови правила кои нема да зависат од добрата волја на поединци, туку од јасни, законски дефинирани критериуми.

Со овој закон конечно се воспоставуваат објективни и мерливи критериуми за избор, оценување и разрешување на членовите на Судскиот совет. Преку транспарентна постапка, редовна евалуација, јасно утврдени конфликти на интереси и механизми за одговорност, градиме систем што ќе спречи злоупотреби, а не да ги прикрива.

Дали ќе има отпор? Да, ќе има отпор. Некои ќе зборуваат за „притисоци“ и „интервенции“. Но не се работи за притисок, туку за крај на заштитени позиции без отчет. Овој закон ќе го врати Советот кај граѓаните, таму каде што отсекогаш требало да биде.

Правдата не смее да биде заложник на неспособни или компромитирани поединци. Ова е нашата последна шанса да ја вратиме довербата во правосудниот систем – и нема да дозволиме таа да биде уништена од оние што ја претворија во своја приватна тврдина.

 

КУРИР: СДСМ не се задоволни од предложеното законско решение и се убедени дека нема да се стаса со реформската агенда. Имаше дури и обвинувања дека сте кочничар на процесите?

Филков: Тоа што некој го нарекува „кочење“ – јас го нарекувам држење до принцип. Ако реформска агенда значи спогодби зад затворени врати, спакувани компромиси и спуштање критериуми за да не се налутат некои структури – тогаш да, јас сум кочничар на таквата агенда. Но, ако реформата значи правна држава, независно судство и отчетност – тогаш јас сум нејзиниот најгласен поддржувач.

СДСМ нека одговори зошто со години наназад ги толерираше истите тие структури во Судскиот совет што денес сите ги гледаме како проблем. Нека одговори зошто се молчеше пред скандалите, зошто се прикриваа неуспеси, и зошто сега, кога конечно ќе се носи закон што ќе воведе ред – тоа го нарекуваат блокада.

Јас немам амбиција да бидам ничиј соучесник во реформи „на хартија“. Овие закони ги носиме за граѓаните, не за да го задоволиме партискиот апетит на било која страна. Ако некој мисли дека ќе тргнеме по нивниот пат – на компромиси без резултат – нека биде сигурен дека тоа нема да се случи.

КУРИР: Во јавноста имаше реакција од страна на БЛУПРИНТ групата дека Андреја Весов кој го предложивте за член на Програмскиот совет не ги исполнува законските услови и дека ќе го разгледате предлогот. Што се случи во меѓувреме?

Филков: Андреја Весов  ме извести дека на 17 .07.2025 година се повлекол од поднесената номинација во Програмскиот совет на Академијата за судии и јавни обвинители. Верувам дека неговата постапка е израз на лична и професионална одговорност, со цел да не се доведе во прашање интегритетот на самата институција и процесите што таа ги води.

КУРИР: Претстојат локални избори. До каде сте со преговорите со ВМРО ДПМНЕ, Освен Куманово и Центар дали имате договор за градоначалник во други општини?

Филков: Наши клучни општини се Куманово и Центар. ЗНАМ ќе има свои кандидате и во неколку други општини. Во координација сме со ВМРО-ДПМНЕ таму каде што има вистински, проверени, силни кандидати. Градиме соработка таму каде што има капацитет, одговорност и визија.

Ова не е само коалиција. Ова е фронт за враќање на државата. Затоа и им пречиме. Затоа и почнаа со етикети. Но оваа генерација на политичари нема да биде заложник на старите матрици. Локалните избори ќе покажат дека граѓаните сакаат луѓе со став, со морал и со резултати.

КУРИР: Формиравте градска организација на ЗНАМ за Скопје со истакнати интелектуалци, спортисти, граѓански активисти, бизнисмени. Зошто одлучивте да одите со самостојни советнички листи на локалните избори?

Филков: Затоа што сакаме нова енергија и одговорност. Советите се срцето на локалната власт и таму ќе внесеме чесност и отчетност.

Луѓето што ни се приклучија – не се декор, туку промена. Не се тука за сликање на билборди, туку за работа на терен. Во ЗНАМ градиме структура каква што одамна нѝ недостасува: луѓе со личен интегритет, независна кариера и јавен углед. Овие луѓе немаат потреба од политичка заштита – тие се тука затоа што сакаат да го вратат достоинството на локалната власт.

Одлуката да одиме со самостојни советнички листи беше многу јасна: сакаме да понудиме алтернатива. Сакаме граѓаните да знаат кого точно го избираат – луѓе што се отчетни пред граѓаните.

Советите во општините и Градот Скопје се вистинскиот мотор на локалната демократија. Таму се кројат буџетите, се донесуваат урбанистички планови, се одлучува за секојдневниот живот на граѓаните. Во Градот Скопје, досега, видовме само хаос, без лична одговорност. Затоа и сакаме нови гласови во советите – луѓе што нема да креваат рака по команда, туку по совест.

КУРИР

КУРИР: Очекувате ли успех на изборите?

Филков: Да – и тоа не по инерција, туку затоа што сме различни. Не ветуваме чуда, туку чесна работа. Верувам дека граѓаните ќе препознаат искреност, став и интегритет. Нашата кампања нема да биде спектакл, туку борба за доверба. Ќе успееме затоа што нудиме нешто што одамна го нема на политичката сцена: нови луѓе, нови идеи и нула толеранција за криминалот и корупцијата.

КУРИР: Многумина навестуваат дека ова ќе биде жешка политичка есен. Очекувате ли валкана кампања?

Филков: Веројатно ќе биде динамична политичка есен – тоа е очекувано во период пред избори. Но, нашата цел не е да влегуваме во валкани игри, туку да понудиме конкретни решенија и визија за напредок. Како Влада, остануваме посветени на принципите на транспарентност, правична постапка и владеење на правото. Знаеме дека одредени политички структури ќе се обидат да креираат хаос и недоверба, особено кога губат влијание, но граѓаните сѐ повеќе ги препознаваат тие обиди.

Овие локални избори се повеќе од натпревар за советнички места – тоа е прашање за тоа каква локална власт сакаме: дали повторно ќе дозволиме неодговорно и нетранспарентно управување, или ќе избереме луѓе што знаат, можат и сакаат да работат во интерес на граѓаните. Ние ќе поддржиме кандидати што покажуваат интегритет, визија и конкретен план за подобрување на секојдневниот живот.

Есента нема да биде удобна за оние што мислат дека можат да владеат без отчетност. Но ќе биде добра за сите што сакаат ред, правда и вистински резултати, потенцира Филков во интервјуто за КУРИР.