За нормално и ефикасно функционирање на обвинителството неопходни се 230 обвинители, што значи немањето на шеесетина обвинители сега е сериозен проблем кој, како што вели во интервју за МИА државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, очекува да се надмине со измена на законите. Зборувајќи за Специјалното јавно обвинителство, Јовески посочува дека суштествено е да се одлучи кој ќе го врши надзорот над работата на ова обвинителство. Вели дека има индиции оти разговорите во телефонската централа во зградата на Обвинителството и во новата зграда на Основниот суд Скопје 1 се снимани од моментот на пуштањето на централата во 2013 година. Во интервјуто говори и за амнестијата за 27 април, за бегството на Никола Груевски, како и за неговите планови и предизвици за оваа година.
Обвинителе Јовески, ова интервју го правиме точно една година по вашиот избор за Јавен обвинител на Република Македонија. Дојдовте во турбулентен период со сериозни ветувања. Како го оценувате сработеното, каде потфрливте и што можеше да се сработи подобро?
– Она од што сум задоволен е фактот што на политичарите и моќниците им стана јасно дека одлуките нема да се носат во нечии кабинети, туки нив ги носат обвинителите. Тие ја имаат мојата целосна поддршка одлуките да ги носат во рамките на нивната надлежност, без мешање од страна, и затоа тврдам дека во тој дел имаме сериозен напредок.
Во овој период ја зголемивме и транспарентноста, и од една од најзатворените институции, можам да кажам дека сега имаме редовна и навремена комуникација со јавноста и со медиумите. Сега и обвинителите ја сфаќаат потребата од доближување на нивната работа на јавноста. Вие новинарите можете да бидете само поддршка во нашата работа. Обвинителството ги објавува сите информации за кои нема законска пречка и кои нема да наштетат на постапката.
Има напредок и во борбата со криминалот, се отвораат истраги и обвинителите сериозно работат сторителите на кривични дела да бидат казнети. Внимателно се следат случувањата, и сега, за разлика од порано, се постапува и по сопствена иницијатива. Еве на пример, по сопствена иницијатива, врз основа на написите во медиумите поведовме постапка за додатоците на платите на членовите на Судскиот совет.
Владеењето на правото е императив за сите, а тие без законска основа, донеле одлука за исплата на додатоци на плата од 35 отсто. Овој случај мора да се реши, бидејќи со вакви одлуки се доведува во прашање довербата и кредибилитетот на судството. Не можам да кажам дека некаде сме потфрлиле, иако секогаш може подобро и на тоа ќе работиме.
Настаните и судењето за 27 април беа најкрупната работа со која се соочивте. Дали амнестијата ја фрли во вода вашата работа?
-Амнестијата е политички чин, и тоа не го коментирам. Доколку ова зависеше од мене и од обвинителот кој постапува по предметот, Вилма Русковска, тоа немаше да се случи. Меѓутоа ова е мој професионален став, а Собранието при донесувањето на Законот ценело други околности кои мене не ми се познати. Обвинителството професионално ќе постапува до завршување на предметот. Но морам да укажам дека постапката за амнестија придонесе и за разјаснување на некои делови од настанот. Изјавите во судницата, на изненадување на многумина, укажаа на моменти од подготовка на случувањата на 27 април. Го разбирам разочарувањето на граѓаните и реакциите, но повторувам тоа е политичка одлука. Обвинителството е должно да го примени законот.
Амнестирани се пратениците и организаторите на здруженијата, судењето за останатите продолжува на 15 јануари. Дали ќе се прошири постапката и дали ќе дојдете до организаторите и нарачателите?
-Уште при поднесувањето на обвинението истакнав дека со тоа предметот не е затворен и дека преземаме дејстија за целосно разјаснување на кривично правниот настан и кривична одговорност на сторителите. Во овој момент обвинителството располага со докази за проширување на истрагата за организатори на настанот од 27 април. Наскоро, Обвинителството ќе покрене истрага и за нив. Голем проблем и одолговлекување на постапката направи непрофесионалното постапување од Обвинителството веднаш по настанот. Најголем пропуст е тоа што веднаш не е извршен увид од јавен обвинител, кога веројатноста да се обезбедат трагите и доказите беше поголема. За време на претходниот јавен обвинител не беше буквално ништо превземено.
Кога сме веќе кај непостапувањето на тројцата обвинители, Гешковска, Биковски и Цветановски за нивната непрофесионалност поведовте дисциплинска постапка. Што направи Комисијата?
-Комисијата одржа неколку седница, ги сослуша обвинителите и сведоците, меѓу нив и поранешниот Јавен обвинител на Република Македонија. Очекувам наскоро да донесат одлука за дисциплинскиот предмет и нивната одговорност.
Обвинителе, дали според вас има пропусти во врска со бегството на поранешниот премиер Никола Груевски?
-Обвинителството превзема повеќе дејствија за обезбедување на докази, како што веќе соопштивме. Побарани се докази по меѓународна правна помош од надлежните органи на Република Албанија и Република Црна Гора. Добиени се снимките од безбедносните камери на патиштата, наплатните рампи, граничните премини, како и околу домот на поранешниот премиер. Обвинителството ја анализира содржината на прибавените докази а истовремено очекува да се добијат и доказите од Албанија. При тоа Обвинителството не утврдува дали има пропусти на одредени институции, туку дали има кривично-правни дејствија од некои лица за овозможување на бегството. Надлежните институции, во рамките на нивната внатрешна организација, треба да утврдат дали и каква одговорност имало во нивното постапување и надлежност. Во овој момент можам да ви потврдам дека Никола Груевски територијата на Република Македонија ја нема напуштено на било кој граничен премин. Сослушани се и сведоци, но за да не наштетам на предистражната постапка други детали не можам да откривам.
Неодамна објавивте дека биле прислушувани и обвинителите,односно дека има два хард диска на кои биле снимени разговори направени на фиксните телефони во Обвинителството од 30 септември 2016 година. До каде е истрагата за овој случај и дали имате сознанија за злоупотрена на овие разговори?
-Прецизно кажав дека во двата хард диска на кои работи телефонската централа постојат не само записи на комуникацијата на локалните телефони и телефонските повици од надвор, туку е и снимена содржината на разговорите.
По преземање на повеќе активности и откако стручно лице потврди дека е снимана содржината на разговорите, го објавив случајот. Основното јавно обвинителство Скопје, веднаш по сознанието дека е можно разговорите да се снимени во телефонската централа во зградата на Обвинителството и во телефонската централа на новата зграда на Основниот суд Скопје I, отвори предистражна постапка во која обвинителот презема повеќе дејства, меѓу кои и обезбедување на тендерските документации на централите. Со наредба на судија одземени се хард дисковите заради вештачење кое ќе покаже од кога се снимани разговорите, дали некој имал пристап до нив, ги пренесувал и ги користел. Имам индиции дека разговорите се снимани од моментот на пуштањето на телефонската централа во 2013 година.
На седница на Советот за следење на имплементација на Стратегијата за реформи на правосудниот сектор(2017-2022) на Владата на РМ, во дискусијата посочивте дека треба да постои единствен закон за Јавното обвинителство во кој би се вклопил и Законот за СЈО? Поконкретно кој е вашиот предлог?
-Со стратегијата за реформи на правосудниот систем на Владата на РМ, предвидено е СЈО да стане дел од обвинителскиот систем. И јас се залагам да има единствен закон во кој ќе се инкорпорира и работата на СЈО како посебно обвинителство во мрежата на Јавни обвинителства. Работната група која работеше на подготовка на Законот изготви ваква верзија. Мора да се вреднува и да се земе предвид дека Специјалното јавно обвинителство, постави нови стандарди и нова перцепција за обвинителството. Тука пред се мислам на истражувањето на предметите и изборувањето за целосна финансиска независност. СЈО наметна и поинаков начин на работење, како што е транспарентноста во работењето и покрај тоа што со одредени постапки не се согласувам. Моја заложба е СЈО во делот на кривичните дела за кое е основано да ја задржи досегашната самостојност за тие кривични дела, а со оглед дека му се додава нова надлежност за кривични дела од областа на корупцијата од избрани и именувани лица и потешки кривични дела, за таа надлежност да важат општите правила како и за другите обвинителства. Се разбира дека за определени постапки треба да се определи негова самостојност, но особено сметам дека е суштествено да се одлучи кој ќе го врши надзорот над работата на ова обвинителство.
Кои се ваши приоритети и предизвици во 2019 година?
-Во 2019 започнуваат со работа истражните центри, подготовките привршуваат, а нивното функционирање ќе обезбеди поквалитетен начин на водење на истрагата за потешките кривични дела, а особено оние од финансискиот криминал и корупцијата.
Очекувам власта да ги препознае потребите на Обвинителството и да обезбеди соодветни и поголеми материјални средства за извршување на функцијата и за ангажирање на стручни соработници и друг помошен персонал. Ги продолжувам заложбите за екипирање на обвинителството. За нормално и ефикасно функционирање неопходни се 230 обвинители, што значи немањето на шеесетина обвинители сега е сериозен проблем. Со измена на законите очекувам дека брзо ќе се надмине оваа состојба.
Ги охрабрувам обвинителите, да работат уште попосветено, непристрасно и поефикасно во гонењето на сторителите на кривични дела и единствено да се раководат според законите и Уставот.
И на крај би сакал, преку Вас, на сите граѓани на Република Македонија да им посакам здравје, среќа и благосостојба во Новата 2019 година.