- ВМРО-ДПМНЕ ве номинираше за свој кандидат за градоначалник на општина Василево. Како ја доживувате таа чест и одговорност пред граѓаните на општина Василево за реизбор на функцијата градоначалник?
– За мене оваа номинација претставува голема чест и признание за мојот ангажман како градоначалник на општина Василево, но и уште поголема одговорност пред граѓаните на општина Василево да продолжиме со создавање на нови политики и проекти кои ќе го подобрат животот на сите граѓани во нашата општина. Досегашната работа ми беше показател дека довербата на граѓаните се заслужува само со конкретни резултати, чесност и посветеност. Номинацијата ја доживувам како потврда дека нашата работа се гледа и вреднува, но и како обврска да продолжиме уште посилно во насока на развој и унапредување на животот во секое населено место од општината.
- При средби со граѓаните дали има нови предлози кои доаѓаат до вас од средбите, а би можеле да бидат и нови проекти?
– Да, контактот со граѓаните е секогаш најголем извор на идеи и предлози. Во изминатиот период добив многу конкретни иницијативи – од подобрување на локалната инфраструктура, преку уредување на јавни површини и зелени паркови, па сè до иницијативи за нови културни и спортски активности. Секој предлог внимателно го разгледуваме и каде што има можности, истиот го преточуваме во проекти за општината. Во последните неколку години, граѓаните како врвен приоритет ja истакнуваа токму потребата од изградба на фекална канализација. Имајќи во предвид дека сме рамничарски крај и доаѓа до загадување на животната средина и прелевање на септичките јами, во изминатиот период реализиравме фекална канализација на неколку локации во село Василево, Ангелци и Пиперево и сметаме дека како врвен приоритет во наредните 4 години повторно ќе биде изградбата на фекална канализација и во останатите населени места како што се Градашорци и Владиевци.
Ако во четирите години пред моето доаѓање на функцијата градоначалник, немаше изградено ниту еден метар фекална канализација, во мојот прв мандат се реализираше токму најголемото барање на сите граѓани.
Сакам да упатам и повик до сите жители на општина Василево – продолжете активно да учествувате, доставувајте ги вашите предлози и идеи на отворените средби што редовно ги организираме. Вашите иницијативи се темелот врз кој ја градиме програмата за развој, затоа што само заедно можеме да изградиме општина по наша мерка – модерна, уредена и подобра за живеење.
- Што ќе добијат жителите на општина Василево, знаејќи дека потпишавте договори за пет проекти кои беа аплицирани во рамките на јавен повик објавен од страна на Министерството за локална самоуправа?
– Со потпишувањето на овие пет договори, обезбедивме значајни средства за конкретни проекти кои директно ќе го подобрат животниот стандард на нашите жители. Тоа се: изградба на отворен канал во с. Дукатино, изградба на фекална канализација во с. Радичево, реконструкција и ревитализација на улицата од влезот до центарот на с. Пиперево, реконструкција на улица во с. Нова Маала кон гробиштата и изградба на последниот крак од фекалната канализација во с. Пиперево. Овие инвестиции претставуваат реални решенија за проблемите со кои секојдневно се соочуваат граѓаните и значат подобри услови за живот, почиста средина и поквалитетна инфраструктура. Сите пет проекти се приоритетни и произлегуваат од средбите со граѓаните и претставуваат решение на долгогодишни проблеми. Со изградбата на улицата од влезот до центарот на с. Пиперево, граѓаните на Пиперево ќе добијат современа улица со атмосферска канализација и бекатонски патеки од двете страни на патот. Преку овие проекти конечно ќе се реши и проблемот со неасфалтираната улица која што води до гробиштата на село Нова Маала. Најголемата инвестиција од овој втор јавен повик на Владата на Република Македонија ќе се случи во Радичево каде што целото населено место ќе добие фекална канализација. Станува збор за капитален проект од најголеми рамки за оваа населено место и сметам дека граѓаните на Радичево тоа го заслужуваат и треба да бидат горди што токму во нивното населено место ќе се вложат околу 50 милиони денари. Со изградбата на отворениот канал во с. Дукатино значително ќе се подобри начинот на живеење во ова населено место, преку решавање на деценискиот проблем со атмосферските води и одводнувањето. Изразувам голема благодарност до Владата на Република Македонија и до Премиерот Христијан Мицкоски, затоа што преку оваа програма им овозможија на општините низ целата држава, вклучително и на Василево, да бележат вистински, историски развој. Верувам дека со овие пет проекти граѓаните ќе ја видат во пракса нашата заложба – Василево да биде модерна и инфраструктурно развиена општина каква што тие заслужуваат.
- Кои проекти за општината ги планирате во програмата за претстојните избори?
– Во програмата за претстојните избори ќе понудиме конкретни и реални проекти кои се од витално значење за жителите на нашата општина. Посебен акцент ќе ставиме на подобрување на водоводната и канализационата мрежа во сите населени места. Конкретно, во таа насока планираме изградба на фекална канализација во селата Градашорци и Владиевци, со што трајно ќе се реши еден од најголемите проблеми на жителите и ќе се подобрат условите за живот и заштита на животната средина.
Во доменот на развој на спортската инфраструктура во наредниот мандат е предвидена изградба на спортска сала во Сушево, затоа што таму активно функционира одбојкарски клуб кој се натпреварува во Прва лига, а и спортистите и жителите на оваа населба заслужуваат да имаат современ спортски објект;
Со цел центарот на нашата општина да добие нов и модерен изглед, предвидена е и изградба на современ плоштад во населеното место Василево, кој ќе биде место за собирање, дружење и одржување културни манифестации, а токму во ова населено место е предвидена и целосна реконструкција на на големото фудбалско игралиште со што ќе обезбедиме подобри услови за тренинг и натпревари, како и поттик за младите да се занимаваат со спорт.
Ќе продолжиме активно да делуваме во процесот на реконструкција на локалните улици и патишта, како и вложување во образовната и предучилишната инфраструктура. Во вториот мандат ќе реализираме уредување на школските дворови во Добрашинци и Нова Маала, со што ќе им обезбедиме на учениците и младите пријатна и безбедна средина за дружење и развој и изградба на мултифункционален центар во Добрашинци, кој ќе служи како место за културни, образовни и спортски активности, достапен за сите генерации.
Покрај овие капитални проекти, Општина Василево и понатаму ќе продолжи да издвојува средства од сопствениот буџет за субвенционирање на различни категории граѓани, како што се финансиски средства за новороденчиња и за првачиња, субвенции за набавка на инвертер клими и велосипеди како и други мерки кои директно го олеснуваат животот на нашите жители.
Овие проекти не се само листа на ветувања, туку приоритети кои произлегуваат од средбите со граѓаните и нивните најважни потреби. Моја цел е Василево да стане општина која нуди подобар животен стандард, квалитетна инфраструктура и услови за младите да останат и да се развиваат тука.
- Што ѝ е најнеопходно на општината сега, како Ваша визија за подобро место за живеење?
– Најважно е да обезбедиме квалитетна инфраструктура, чиста и уредена животна средина и услови за економски развој. Тоа значи подобри патишта, современи јавни услуги, поддршка за земјоделството, но и за мали и средни бизниси. Мојата визија е Василево да биде модерна, функционална општина која ќе обезбеди подобри услови за живот, работа и образование за секој граѓанин. Општината Василево има исклучително добра географска положба, што претставува моќна потенцијална предност која треба максимално да ја искористиме и во наредниот мандат. Особено ќе посветиме внимание на развојот на нова индустриска зона, која ќе ја прошири постојната индустриска мрежа и ќе отвори нови можности за инвестирање и вработување. Василево е една од ретките рурални општини во Република Македонија што располага со четири индустриски зони. Со изградбата на нова индустриска зона, ќе го зајакнеме локалниот економски развој, ќе обезбедиме дополнителни средства во буџетот на општината а со тоа и средства за нови инфраструктурни проекти од интерес на сите граѓани. Мојата визија е да создадеме современа општина која добро ги искористува природните и инфраструктурните ресурси, со силен и одржлив економски развој со цел Василево да стане пример за рурална општина која ги користи приликите и создава развој за сите свои граѓани.
- Дали вие како досегашен прв човек на општината, но и кандидат за реизбор на градоначалник на Василево, ќе продолжите со интензивна, посветена работа но и со „висок степен“ на транспарентност (буџетска и даночна) за да се постигне степенот на „многу висок“?
Транспарентноста е еден од клучните столбови на моето работење како градоначалник. Гордо можам да истакнам дека според истражувањето на Центарот за економски анализи (ЦЕА), за периодот 2024/2025 година, Општина Василево е меѓу општините со висок степен на буџетска и даночна транспарентност. Тоа е голем успех, ако се знае дека пред неколку години бевме меѓу најниско рангираните. Денес, сме меѓу најдобрите – и тоа е потврда дека се движиме во вистинска насока.
За мене тоа не е само бројка или ранг-листа, туку конкретен механизам со кој граѓаните можат јасно да видат како се прибираат и како се трошат јавните средства. Транспарентноста е суштински елемент на ефикасното и домаќинско работење, а истовремено создава доверба меѓу институциите и граѓаните.
Во следниот мандат ќе продолжам со уште поголема посветеност и со цел да преминеме од „висок“ во „многу висок“ степен на транспарентност. Само со целосна отчетност и отвореност можеме да ја зајакнеме довербата и да изградиме стабилна основа за уште поголем развој на нашата општина.
Курир.мк