Вие сте човек кој повеќе од 35 години практицира боречки вештини, па затоа најпрвин би сакал да ве прашам, колку физичката активност односно занимавањето со спорт влијае врз здравјето на една личност?
Влијанието на физичката активност не се одразува само врз здравјето, туку има многу поширок карактер, вклучувајќи социјални и општествени аспекти. Не заборавајте дека таа директно влијае врз подигнувањето на свеста за едно нормално социјално и општествено однесување, ги зајакнува интелектуалните особини на поединецот, го спречува еродирањето на моралот, ја зголемува самопочитта и самодовербата и директно придонесува во стекнувањето навики за здраво живеење. Кога веќе зборуваме за здравите навики и особини кои неизбежно се стекнуваат преку спортот, да не ги заборавиме дисциплината, толеранцијата, лидерските способности, работните навики, преземањето одговорност, споделувањето, одлучноста, соработката, зголемената концентрација, почитта, емпатијата, самоконтролата и да не набројувам понатаму. Дури сега би можел да ги набројам продбивките врз телесното и душевното здравје, како што се зајакнувањето на мускулите и на кардиоваскуларниот систем, одржувањето на оптималната тежина на телото, подигнувањето на имунолошкиот систем, превенцијата од разни кардиоваскуларни болести, подобрувањето на менталното здравје, превенцијата од депресија, како и зголемувањето на сексуалната моќ, што, пак, најдиректно влијае врз менталното здравје преку зголемувањето на самодовербата.
Вие наполнивте 45 години, а вашето тело се уште е мускулесто и витко, вашата кожа затегната и мазна, косата ви е се уште црна, а забите здрави. Дали постои и друг начин на „продолжување на младоста“, освен физичката активност?
Секако, тука се генетиката и некои други фактори, но сепак покрај физичката активност, најмногу би ги споменал и здравите навики, како што се балансираната исхрана, одржувањето на физичката и на менталната хигиена, како и влијанието на средината која не опкружува.
Извинете ќе ве прекинам. Кога веќе споменавте исхрана и здрави навики, морам да ве прашам дали мислите дека нашата нација поседува здрави навики и свест за здравјето во целина?
Гледано во целина, македонската нација е многу нездрава. Всушност и самата статистика ги потврдува моите зборови. Македонија се наоѓа на дното во Европа според просечниот животен век на населението. Со тешко срце ги изговарам овие зборови, меѓутоа ние сме навистина нездрава нација. Во секоја смисла на зборот.
Да почнам од исхраната. Таа се уште главно се базира на индустриски произведен леб, кој освен празни јаглени хидрати, содржи многу адитиви и хемикалии. Потоа вештачки наметнатата традиција на конзумирање скара. Па ако излезете со друштво и не нарачата скара, вие ризикувате да бидете исмеани од пријателите. Да не зборувам за неконтролираното пиење алкохол, за користењето цигари, а во последните дваесетина години и се почестото конзумирање опојни дроги и медицински препарати.
Особено ме загрижува негрижата од страна на родителите, но и од страна на државните органи за здравјето на младината. Мојата најстара ќерка има 14 години. Дали ќе верувате ако ви кажам дека од нејзиниот клас повеќе од половината деца пушат цигари и пијат алкохолни пијалоци? Знаете ли колкупати сум ги видел нејзините другарчиња како во кафуле пафтаат наргиле или пијат разни алкохолни коктелчиња?
Никако не можам да си поверувам, како нивните родители тоа го дозволуваат. Се прашувам дали имаат толку голема доверба кон своите деца или, пак, немаат време поради „бизнисот“ или следењето на социјалните мрежи, да поразговараат со своите деца на овие теми? И на крајот, големото разочарување од државните органи. Кога веќе сопствениците на кафулињата дозволуваат во нивниот локал да седне малолетно дете и да нарача алкохол или наргиле, каде се инспекциите и полицијата да реагираат? Зарем до толку заборавивме дека иднината на една земја најмногу зависи од здравјето на популацијата, а особено на младата генерација? До кога профитот ќе биде поважен од здравјето на нашите деца?
Ова што се случува е страшно. Имаме целосно еродиран систем за грижа кон нашите деца и кон нашите граѓани.
Што мислите, како може да се спречат овие појави?
Најмногу со едукација. Веќе споменав погоре што државата треба да направи за да ги спречи. Обврска на политичарите треба да биде да овозможат здрава животна средина, можност и пристап до здрава вода и здрава храна, како и подршка на спортските клубови и здруженија. Мора да постои поголема контрола врз сето она што лошо влијае врз здравјето на нашите деца. Меѓутоа, најмногу од се ни треба едукација. Мораме да бидеме свесни за негативното влијание на алкохолот, цигарите, дрогите, лошиот начин на исхрана односно за нездравите навики. А истовремено мораме да бидеме целосно свесни за придобивките од физичките активности и да ги насочуваме луѓето кон спортот, пешачењето во природа, здравиот начин на живот. А тоа почнува од најважната клетка на секое општество – од семејството. Како татко на три дечиња, јас уште од најмали нозе се трудам да им го трасирам патот по кој ќе се движат. Сите три вежбаат во мојот клуб за боречки вештини и не поминува ниту еден ден без да разговараме за здравиот начин на живот или за придобивките од вежбањето. Мојот апел до сите родители е да разговараат со своите деца, да се дружат секојдневно со нив, да внимаваат со кого и како се дружат нивните најмили, да имаат поголема контрола врз нивниот живот, особено врз користењето на социјални мрежи и комуникации. Не заборавајте дека децата се нашето единствено богатство кое ќе го оставиме зад нас и тие се иднината на Македонија. Без здрава нација, нема здрава иднина.
Во вашиот клуб за боречки вештини, покрај телесниот тренинг, децата ги едуцирате и ги советувате како да се хранат и како да ја одржуваат својата хигиена. Дали има резултати ваквиот начин на пристап?
Да немаше резултати, пристапот ќе беше одамна сменет. Меѓутоа треба да се има во предвид дека воспитувањето на децата треба да се одвива на сите нивоа. Нашите совети во клубот треба да бидат подржани од страна на родителите. Доколку тие не внимаваат како ги хранат своите деца односно им дозволуваат неконтролиран внес на шеќери, масти, конзумирање на газирани сокови или сувомеснати производи, тогаш нема да има многу големи резултати. Третата важна алка во едуцирањето се наставниците во училиштата. Тие имаат односно би требало да воспостават големо влијание врз дечињата и секојдневно да им укажуваат на важноста на физичката активност односно на штетноста од нездравите навики. Само доколку сите здружено настапиме ќе можеме да изградиме силна основа за една здрава заедница во општеството.
На крајот да ви поставам уште едно прашање. Додека разговаравме споменавте дека моралните вредности кај најмладите се целосно еродирани. Постои ли начин да се спречи тоа?
И на ова веќе делумно ви одговорив и ви го кажав моето мислење околу влијанието на спортот, семејството, училиштето и државата врз моралот и врз менталното здравје кај најмладите. Во секој случај, постојат неколку работи на кои треба посебно да се внимава. Да повторам, како родители мораме да го ограничиме и контролираме пристапот на нашите деца на социјалните мрежи. Знам дека зборовите контрола и ограничување се многу тешки за изговарање и за слушање и морам да ви кажам дека многу лошо звучат и за моето уво. Особено бидејќи сум човек кој најмногу од се ја почитува слободата на мислење и на делување. Меѓутоа, како родители не смеете да дозволите на девојче од 12 години да прави селфи пред огледало и при тоа да биде нашминкано и несоодветно облечено, а потоа истите фотографии да ги објавува на Инстаграм. Секој родител е должен да им објасни на своите деца дека сите тие слики засекогаш остануваат на некој сервер и дека можат да бидат злоупотребени.
Друга работа која ме загрижува, а мислам дека би требало да се спомене е делувањето на разни секти и религиски учења односно можноста да бидат во близина на нашите деца. Праќаат покани во поштенските сандачиња, објавуваат платени реклами преку интернет, влегуваат слободно во државата и се движат во близина на училиштата или во школските дворови. Тоа е недозволиво. Тука нашиот систем многу потфрлува и време е да почнат повеќе да внимаваат на ваквите појави. На децата им треба слобода да играат, да се дружат, да спортуваат на улиците и по парковите. А не треба да им се остави слобода да бидат заблудувани од разно-разни религиски учења и доктрини кои од нив ќе направат послушници или слуги. За светла иднина на Македонија, потребна е воспитана младина со слободна мисла и здрави навики. Во спротивно ќе добиеме болна и неспособна нација со испрани мозоци.
Ви благодарам г-дине Довезенски што одговоривте на поканата за ова кратко интервју.
Благодарам за поканата.
(Д.Д.)