Во Босна и Херцеговина најмалку 3.000 мигранти престојуваат на отворено во зимски услови, што може да се опише како хуманитарна катастрофа, предупреди денеска шефот на мисијата на Меѓународната организација за миграција (ИОМ) во земјата, Питер Ван дер Авераерт.

Тој рече дека по пожарот и привременото затворање на кампот „Липа“ во околината на Бихаќ минатата недела, околу илјада мигранти кои престојуваа таму останаа без засолниште, а треба да се додадат и уште една и пол илјада до две илјади кои живеат во напуштени објекти и импровизирани населби со шатори во околината на Бихаќ и Велика Кладуша.

– Ние сме во хуманитарна катастрофа, изјави Ван дер Авераерт за телевизијата Н1 во Босна и Херцеговина.

Тој потврди дека ИОМ има потребни ресурси за формирање нов центар за прием, но проблемот е во локацијата.

Советот на министри на БиХ претходно прифати локација на селото Липа да стане постојан центар за сместување мигранти, но за да се договори тоа треба да се испразни сегашното привремено засолниште за шатори и да се изгради нова населба со контејнери со потребната инфраструктура.

Властите во Бихаќ не дозволија мигрантите од областа Липа привремено да бидат сместени во поранешниот камп во близина на фабриката „Бира“.

Ван дер Авераерт изјави дека оваа ситуација предизвика дополнителен миграциски притисок на границите затоа што некои од оние кои останаа без засолниште се упатија кон Хрватска, а некои решија да се вратат во Србија, верувајќи дека таму можат да ја поминат зимата во подобри услови.

Вкупниот број илегални мигранти кои моментално живеат во БиХ, според проценките на ИОМ, е околу осум илјади, а повеќето од нив се наоѓаат во Унско-Санската жупанија и во околината на Сараево, каде има два центри за нивно сместување.