Ирачките милитанти денеска истрелаа неколку ракети врз добро чуваната Зелена зона во Багдад, каде се наоѓаат државните институции, додека втор ден по ред продолжуваат спорадичните судири меѓу ривалските шиитски муслимански групи, соопшти ирачката војска.
Британските медиуми пренесуваат дека на улиците на Багдад денеска ги нема вообичаените минувачи, а забележливи се воени камиони кои превезуваат оружје, додека во текот на ноќта во ирачката престолнина постојано се слушал оган од автоматско и ракетно оружје.
Најмалку 20 лица загинаа во вчерашните судири во Багдад, кои избувнаа откако приврзаниците на ирачкиот шиитски верски водач Моктада ал-Садр, кој најави повлекување од политиката како одговор на нерешлива политичка криза, се судрија со шиитските вооружени групи кои главно се лојални на Иран.
Политичката сцена во Ирак е поделена на два блока по изборите во октомври минатата година, а ирачките шиитски движења се расправаат околу назначувањето на нов премиер, што предизвика голема политичка криза во земјата.