Во Иран денеска се егзекутирани со бесење тројца мажи, од кои двајца за терористички дејствија, а еден за убиство и вооружен грабеж.
Тројцата се егзекутирани рано изутринава во провинцијата Систан-Белуџистан.
Двајца се идентификувани како Хасан Дехвари и Елиас Каландарзехи, кои беа уапсени во април 2014 година, откако биле фатени со „големи количества експлозив“ и оружје. Двајцата беа осудени за киднапирање, бомбашки напад, убиство на припадници на безбедносните сили и цивили и поврзаност со џихадистичката група „Џаиш ал Адл“ (Армија на правдата). Дехвари и Каландарзехи се уапсени и за поседување документи од „Џаиш ал Адл“, односно упатства „како се прават бомби“, како и за „такфири фатви“, термини што ги користат иранските шиитски власти за наредби издадени од сунитските џихадисти.
„Џаиш ал Адл“ во последните години изврши неколку жестоки бомбашки напади и киднапирања во Иран. Во февруари 2019 година, 27 припадници на Иранската револуционерна гарда беа убиени при самоубиствен бомбашки напад, за кој групата презеде одговорност.
Третиот егзекутиран маж е Омид Махмудзехи. Тој беше осуден за вооружен грабеж и убиство на цивили.