Иран со своите нуклеарни активности не го прекрши договорот што во 2015 година беше потпишан со највисоките светски сили, се наведува во редовниот тримесечен извештај на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).

Агенцијата соопшти дека Иран останал во рамките на договорот во однос на ставките кои вклучуваат збогатување на ураниумот и резерви на збогатен ураниум.

Во договорот од 2015 година, Иран вети дека ќе ја ограничи својата нуклеарна програма во замена за укинување на меѓународните санкции против Техеран. Соединетите американските држави минатата година се повлекоа од договорот и повторно наметнаа санкции, а овој месец и ги заострија.

Техеран наведува дека и натаму ќе го почитува договорот, и покрај повлекувањето на САД, иако пред три недели се закани дека ќе ја зголеми  програмата за збогатување ураниум, доколку другите земји потписнички не најдат начин да го заштитат од американските санкции.