Иранските власти изразија задоволство од промената на тонот на Саудиска Арабија откако саудискиот престолонаследник принцот Мохамед бин Салман изјави дека Ријад сака добри односи со Техеран.

Иран и Саудиска Арабија ги прекинаа дипломатските односи во 2016 година и со години заемно се обвинуваат за дестабилизација на Блискиот исток. Покрај тоа, Саудиска Арабија е сојузник на САД, кои Исламската Република ги смета за свој непријател.

Сепак, Мохамед бин Салман во вторникот рече дека Иран е соседна земја и оти единствено што Саудиска Арабија сака е да има добри и посебни односи со Иран. Овие зборови на саудискиот принц означуваат промена на неговиот тон. Досега, Мохамед бин Салман редовно го обвинуваше Техеран дека ја подгрева регионалната нестабилност.

– Иран беше првиот кој тргна на патот на регионалната соработка и ја поздравува промената на тонот на Саудиска Арабија. Со усвојување на конструктивни ставови засновани на дијалог, овие две важни земји во регионот и исламскиот свет можат да ги надминат разликите и да отворат нова страница соработка за мир, стабилност и развој во регионот, изјави Саид Хатибзаде, портпарол на иранското Министерство за надворешни работи.