Советникот на иранскиот врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи, денеска изјави дека Иран нема да го одобри создавањето на коридор на Кавказ, проект поддржан од американскиот претседател Доналд Трамп за поврзување на Азербејџан со неговата енклава Нахчиван.
„Спроведувањето на овој заговор би ја загрозило безбедноста на Јужен Кавказ, а Иран нагласи дека, со или без Русија, ќе дејствува за да ја гарантира безбедноста на Јужен Кавказ“, изјави Али Акбар Велајати за иранска новинска агенција.
„Исто така, сметаме дека Русија стратешки се противи на тој коридор“, додаде тој.
Спогодбата што ја постигнаа вчера во Вашингтон азербејџанскиот претседател Илхам Алиев и ерменскиот премиер Никол Пашинјан го завршува повеќедеценискиот територијален спор меѓу нивните земји.
Спогодбата предвидува создавање транзитна зона што минува низ Ерменија за да го поврзе Азербејџан со неговата енклава Нахчиван, што е долгогодишно барање на Баку.
Во тој стратешки важен регион богат со гас и нафта, САД ќе имаат право да развијат коридор наречен „Трамповиот пат за меѓународен мир и просперитет“.
Иран долго време се спротивставува на коридорот, плашејќи се дека ќе го отсече од Кавказ и ќе донесе странско присуство на неговата граница.
Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи изутрината го поздрави мировниот договор меѓу Ереван и Баку, постигнат со посредство на Вашингтон, но предупреди дека е против „каква било странска интервенција“, со оглед на правата за развој дадени на САД во тој коридор во близина на иранската граница.