Иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амир-Абдолахиан ги предупреди Израел и САД дека ситуацијата на Блискиот Исток може да излезе од контрола доколку, како што наведе, веднаш не престанат со „злосторствата против човештвото и геноцидот“ во Газа, јави Би-Би-Си.
Израел секојдневно разменува оган со либанската милитантна група Хезболах, поддржана од Иран, а денеска е наредена евакуација на 14 израелски заедници во близина на границата со Либан.
Во меѓувреме, САД испратија носач на авиони во регионот и американски разурнувач во Црвеното Море пресретна ракети истрелани од Јемен од Хутите поврзани со Иран.
Воена база во која се сместени американските сили во Ирак, исто така, беше погодена од ракети и беспилотни летала од групи поддржани од Иран во четвртокот.
Иран негираше дека му помогнал на Хамас да го изврши нападот на Израел на 7 октомври, во кој загинаа 1.400 луѓе.
САД соопштија дека не виделе докази за директна иранска вмешаност во нападот.