Иран има право и должност да се брани по израелските напади во кои беа погодени ирански воени цели и загинаа двајца војници, соопшти денеска иранското Министерство за надворешни работи.
Иранското министерство се повикува на член 51 од Повелбата на Обединетите нации врз основа на кој, како што наведува, Иран има право и должност да се брани – објави „Тајмс оф Израел“.
Претходно, „Скај Њуз Арабија“, повикувајќи се на неименувани извори, јави дека Иран преку странски посредник го известил Израел дека нема да одговори на последните израелски напади.
Израелската армија ноќеска го нападна Иран, а за време на нападите, кои траеја пет часа, мета биле 20 цели во земјата.
Серија експлозии се слушнале и во околината на Техеран веднаш откако израелската војска соопшти дека врши напади врз воени цели во Иран како одмазда за иранскиот напад врз Израел на 1 октомври.