Иранските безбедносни претставници денеска објавија дека уапсиле околу 3.000 лица поврзани со терористички групи вклучени во неодамнешните немири, додека високи свештеници и локалните власти повикаа на решителна судска акција.

Меѓу уапсените има лидери на групи, лица поврзани со Израел, вооружени лица и оние кои оштетиле јавен имот за време на немирите, како и дека некои од уапсените биле вклучени во смртоносни напади и палежи на јавни згради, џамии и фрлале оружје врз безбедносните сили, објави иранската мрежа Прес ТВ.

Тие додаваат дека мирот се вратил во многу урбани средини и покрај континуираните обиди на „странските непријатели“ на Иран да поттикнат немири.

Иранските медиуми известуваат за повеќекратни погреби и комеморации за членови на безбедносните сили и цивили убиени од вооружени лица.

Локалните власти низ Иран објавија за апсења на лидери на групи.

Во покраината Голестан, полицијата соопшти дека открила штаб во куќа во градот Азадшахр и го уапсила главниот водач на вооружените немири, кој признал дека пукал во цивили и припадници на безбедносните сили со пушки, а исто така признал дека организирал палење возила со бензин и извршувал напади со ножеви, мечеви и молотови коктели.

Во јужниот пристанишен град Бандар Абас, полицијата соопшти дека уапсила 10 лица обвинети за формирање „терористичка банда“ вклучена во организирање насилни протести.

Полицијата соопшти дека рациите на три локации довеле до запленување на 65 молотови коктели, рачно изработено огнено оружје, материјали за изработка на бомби, приемници за сателитски сигнали и друга опрема.

Во западен Иран, гувернерот ги опиша немирите како „голем, однапред планиран и целосно терористички бунт“, споредувајќи го со дејствијата на терористичката група Муџахедини-е-Калк во раните години по револуцијата во 1979 година, додавајќи дека американските и израелските разузнавачки служби снабдувале оружје и го насочувале насилството.

Полицијата во покраината Техеран, исто така, објави апсење на 18-годишно момче кое дејствувало како локален лидер за време на протестите во градот Шахр Куодс, додека во видео објавено од полицијата, тинејџерот вели дека бил под влијание на странски антиирански медиуми, учествувал во фрлање камења и подоцна се покајал за своите постапки, јавно извинувајќи се.