Првиот човек на иранското Министерство за правда, Голамхосеин Мохсени Аџеи, денеска се закани дека надлежните органи „без милост ќе ги гонат Иранките кои се појавуваат во јавноста без хиџаб“.
Аџеи додаде дека отстранувањето на хиџабот „се коси со иранските вредности“ и се закани дека ќе бидат казнети сите оние кои ќе го направат тој, како што го нарече, „ненормален чин“, јавија денеска иранските медиуми.
Британските медиуми пренесуваат дека министерот не прецизираше како ќе се казнуваат жените без хиџаб.
– Силите на законот се должни да реагираат на секаков вид на ненормалност што се противи на верскиот закон и е присутен во јавноста и да го пријават до судските органи, додаде Аџеи.
Иранското Министерство за внатрешни работи пред два дена соопшти дека носењето хиџаб е „еден од цивилизациските темели на иранската нација“ и додаде дека „нема да има толеранција за жените без хиџаб“.
Жените во Иран, и покрај официјалната забрана, се појавуваат без хиџаб во јавноста низ целата земја, во продавници, трговски центри или ресторани, забележува британската агенција.
Ваквото правило за Иранките важи уште од револуцијата во 1979 година кога во земјата беше воведен закон со кој се бара од жените да ја покриваат косата со хиџаб и да носат долга, широка облека што ја крие нивната фигура.