Парламентот на Исламската Република Иран донесе одлука да се затвори Ормуцкиот теснец, преку кој поминува околу 20 проценти од светските потреби за нафта и гас.
Одлуката, сепак, не е извршна и ќе чека потврда од Иранскиот врховен совет за национална безбедност, со кој, според Уставот, претседава претседателот на државата.
Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, го избира секретарот на Советот, чии одлуки стапуваат во сила откако ќе ги потврди врховниот лидер.
Пратеникот и командант на Иранската револуционерна гарда, Есмаил Косари, изјави дека затворањето на Орумцкиот теснец е на дневниот ред и ќе биде направено кога ќе биде неопходно.
За локалните медиуми тој изјави дека се разгледува затворањето на теснецот и оти Иран ќе ја донесе најдобрата одлука за тоа прашање.
Ормуцкиот теснец е клучна трговска маршрута за светот, бидејќи една петтина од светската нафта поминува низ тој мал морски теснец, заедно со толкаво количество течен нафтен гас (ЛПГ), што го прави најважен транзитен пункт за нафта во светот.
Трговецот Герит Хајнемам изјави за „Билд“ дека, ако Иран реши да го затвори теснецот, последиците ќе бидат катастрофални.
„Тоа би било полошо од коронавирусот и од Путин заедно! Втората епизода на континуираната криза би била дури и потешка од тоа што го преживуваме од почетокот на војната во Украина и за време на кризата со коронавирусот. Катастрофа! Голем дел од глобалните синџири за снабдување минуваат низ наведената област. Тоа не само што има драматично влијание врз енергетските испораки, туку и врз текот на стоките. Наеднаш сите кризи што тукушто ги надминавме ќе се вратат – енергетската криза, инфлацијата, прекинатите синџири на испорака и сега опасноста од масовна невработеност“, објаснува Хајнеман.