Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан изјави дека Израел мора да престане со „своите злосторства“ или ќе се соочи со жестока реакција.
Пезешкијан зборуваше еден ден откако Иран истрела речиси двесте ракети врз Израел и откако земјата отиде чекор понатаму во конфликтот со Хезболах со испраќање копнени трупи преку границата со Либан. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху најави одмазда за иранскиот напад.
„Доколку ционистичкиот режим не престане со своите злосторства, ќе се соочи со посериозни реакции“, рече Пезешкијан во пресрет на претходно планираното патување во Катар, пренесуваат државните медиуми.
Пезешкијан, претседател кој се смета за поумерен од неговиот претходник, на државната телевизија рече дека главната цел на неговото патување во Доха е да разговара за билатералните односи меѓу двете земји и да потпише договори со катарската влада.
Таму ќе учествува и на средбата на врвот на Дијалогот за азиска соработка.
„Втората цел е да се разговара за тоа како азиските земји можат да ги спречат израелските злосторства во регионот и да ги спречат непријателите да започнат хаос на Блискиот Исток“, рече тој.