Српската православна црква (СПЦ) нема да ја признае „новата црква“ создадена во Украина, изјави патријархот на СПЦ, Иринеј за ТВ Русија 1.
-Тие испратија покана, но ние одговоривме дека не сакаме да присуствуваме. Ние нема да ги признаеме, одговорил Иринеј на прашањето дали добил покана од украинскиот митрополит Епифаниј да присуствува на устоличувањето.
Минатата недела Иринеј за време на состанокот со Патријархот Московски и на цела Русија, Кирил изјави дека она што се случува со Православната Црква во Украина наликува на бомба фрлена врз сопствената куќа.
Новоизбраниот поглавар на Украинска православна црква, митрополитот Епифаниј Први вчера официјално ја презеде должноста во Соборната црква Света Софија во центарот на Киев, еден месец откако украинската црква се оддели од Руската православна црква.
На церемонијата присуствуваа и украинскиот претседател Петро Порошенко, како и неговата политичка опонентка Јулија Тимошенко, претставници на други верски организации во Украина, меѓу кои и преставник на Цариградската православна црква, митрополитот галијски Емануил.