Баровите и рестораните во Ирска ќе бидат затворени од утре во 20 часот, за време на празничната сезона, до крајот на јануари, врз основа на новите владини мерки за спречување на ширењето на Ковид-19.
„Согласно владината одлука, новите мерки ќе важат од понеделник, 20 декември, до 30 јануари, а се однесуваат на кафеаните, рестораните, спортските настани, театрите, кината и културните собири“, изјави премиерот Мајкл Мартин.
Новите мерки ќе го намалат максималниот капацитет на помалку од 50 проценти или максимум 5.000 посетители за настани на отворено и 50 проценти или до 1.000 посетители за настани во затворен простор.
„Ако го оставиме да се шири без контрола, новиот сој Омикрон би претставувал многу значајна закана за болниците и одделенијата за интензивна нега, но и за општеството и економијата во целина“, рече Мартин.
Ирска во петокот објави повеќе од 3.628 нови случаи, а сојот Омикрон сочинува околу 35 проценти од сите регистрирани инфекции.