Власта на СДС, Заев и Филипче работела активно на носење мигранти во Македонија, за таа цел предвиделе изградба на мигрантски камп на само неколку километри од центарот на главниот град, рече на денешната прес-конференција пратеникот Миле Лефков.
-Зоран Заев и Венко Филипче имале партиска и државна политика за населување на мигранти, и тоа истите оние мигранти кои прават големи проблеми во Европа. Зоран Заев и Венко Филипче биле спремни на населување на мигрантите во Скопје, откако во 2018 година усвоиле План за изградба на мигрантски камп во Бардовци. Филипче кој денес е најгласен против некакви измислени мигранти, тогаш бил прв кој со две раце гласал да се доселат мигранти во Македонија. И за ова има доказ, а тоа е Службениот весник од 2018 година, каде што е објавена одлуката на Владата за изградба на мигрантски камп, со Имотен лист бр. 2140 за КО Бардовци. Откако вчера го обелоденивме пред граѓаните планот на Заев и Филипче за носење на мигранти во Македонија, тој цел ден го нема, се крие и бега од новинари. Овие двајца треба да одговорат колку мигранти биле спремни да примат и колку ќе се збогателе со тој чекор? Дали Заев и Филипче во обид да го затскријат својот криминал се обидуваат друг да наместат? Затоа ли Филипче е олку гласен, затоа што тој договарал носење на мигранти за истите суми кои тој и медиуми блиски до СДС ги вадат во јавноста? Криминалот и корупцијата на Заев и Филипче нема да се сокријат под превезот на создавање на лажни вести, паника и хистерија кај граѓаните, истакна Лефков.
Го повикуваме Филипче да се соземе, да си поднесе оставка, а СДС под итно да се реформира. Утре ќе објавиме нови детали, како Заев и Филипче, планирале населување на мигранти во Македонија, додаде Лефков.




