Припадници на терористичката Исламска држава киднапирале околу 40 луѓе во централната сириска провинција Хама и убиле најмалку 15, соопшти Сириската опсерваторија за човекови права со седиште во Лондон.
„Исламска држава“, која беше поразена во Сирија во 2019 година, сè уште има свои „спијачи“ кои убиваат во Сирија и Ирак – територии што некогаш ги сметаше за свој „калифат“ и ги држеше под контрола.
Според Сириската опсерваторија за човекови права, како и државните медиуми, киднапирањата во Хама се случиле во четвртокот, а телата на убиените – некои со исечени грла – биле откриени вчера.
Меѓу убиените има седум цивили и осум вооружени членови на сириски племиња, тврди организацијата.
Провладиното радио „Шам ФМ“ објави дека екстремистите ги нападнале земјоделците додека собирале тартуфи, дека некои од киднапираните паднале како „маченици“, додека контактот со другите бил изгубен.
Пред еден месец, „ќелија на спијачи“ на ИД нападна луѓе кои собираа тартуфи и уби 53 од нив. Меѓу убиените има работници, како и припадници на владините безбедносни сили.