Полицијата во Индонезија навреме го открила и го спречила планот на исламистите да го убијат папата Франциск со лак и стрела.

Терористичкиот заговор во името на Исламската држава дојде откако фанатиците биле налутени од посетата на папата на џамија во Џакарта за време на неговиот престој во Индонезија.

Уапсени се вкупно седуммина осомничени, а акцијата била спроведена на 2 и 3 септември по анонимна дојава од загрижени граѓани, објави „Дејлимејл“.

Кај еден од уапсените исламисти полицијата пронашла лак и стрела, како и дрон и памфлети на Исламската држава. Како што пренесуваат локалните медиуми, некои од уапсените се заколнале на верност на Исламската држава.

Уапсените, чиј идентитет не е откриен, ги налутила посетата на папата Франциск на Истикал џамијата, која се смета за најголема во Југоисточна Азија. Тие реагирале откако владата во Индонезија побарала од телевизиските станици директно да ја пренесуваат посетата на папата на џамијата.

Портпаролот на антитерористичката единица на полицијата изјави дека „истрагата е во тек и не е јасно дали уапсените се познавале“.

„Имаме механизам за следење и филтрирање на информации. Добивме дојава од збунетите членови на јавноста“, рече полковникот Асвин Сирегар.

Папата Франциск, верскиот водач на Католичката црква, во моментов е на 12-дневна турнеја низ азиско-пацифичкиот регион, каде што ќе ги посети Папуа Нова Гвинеја, Индонезија, Источен Тимор и Сингапур.

Папата Франциско денеска пристигна во Источен Тимор, каде е планирана голема миса, каде се очекуваат повеќе од половина милион верници.