Исламска држава се огласи на својот канал на Телеграм за да ја преземе одговорноста за вечерашниот терористички напад близу Москва, во кој се убиени најмалку 40 луѓе, а 145 се ранети. Оваа информација не е независно потврдена.
На 7 март, руската Федерална безбедносна служба кажа дека спречила напад врз синагога во Москва планиран од ќелија на Исламска држава. Малку детали беа објавени за овој напад, освен дека напаѓачите биле „неутрализирани“ при обид за апсење.
„Борците на Исламска држава нападнаа голем собир на христијани во градот Красногорск на периферијата на руската престолнина Москва. Тие убија и ранија стотици луѓе и предизвикаа големо уништување на местото, пред безбедно да се повлечат во своите бази“, соопшти ИСИС.
Терористите кои учествуваа во нападот на „Крокус сиити хол“, наводно побегнале со автомобил Рено, објави РИА новости. Новинската агенција на својот Телеграм канал објави и фотографија од автомобилот.