Снежните врнежи кои паѓаа во изминатите 12 часа го отежнаа движењето на патот од Делчево до планината Голак. Како што информираат од Македонија пат подружница Штип со расчистувањето на снегот на патот кој води до Голак ќе се започне по отстранување на дефект на едно од возилата кои се задолжени за таа намена.
– Точно е дека на патниот правец од Делчево до Голак се уште има снег на коловозот. Малку се доцни со неговото расчистување поради дефект на едно од возилата, па во моментот не сме во можност да започнеме со активности за расчистување на снегот на овој патен правец, велат од Македонија пат – Делчево.
Во меѓувреме останатите возила работат на расчистување на останатите патни правци од Делчево кон соседните градови и граничниот премин Делчево.
-Останатите возила кои ни се во функција од утрово работат на расчистување на патните правци Делчево – Каменица, Делчево-Берово и Делчево-Граничен премин. На овие сообраќајни правци сообраќајот се одвива по чисти коловози, додаваат од дежурната служба на Македонија Пат од Делчево.
Снегот кој го зафати североисточниот регион не предизвика посериозни потешкотии во сообраќајот кој сепак се одвиваше во зимски услови и со намален интензитет. Снежната покривка во Делчево изнесува 1-2 сантиметри додека околу пет сантиметри снег изнесува снежната покривка во Малешевијата.
На планината Голак висината на снежната покривка е помеѓу 10-15 сантиметри.