По падот на авионот, во регионот Твер се пронајдени 10 тела, а се вршат молекуларни генетски тестови за да се идентификуваат жртвите, соопшти Истражниот комитет на Русија.
Се наведува и дека истражителите ги пронашле црните кутии на авионот, како и предмети и документација кои се важни за утврдување на причината за несреќата и ќе бидат наредени вештачења.
„Во текот на истрагата ќе бидат проверени сите можни верзии за настанот“, истакнуваат од руското одделение, пренесува Спутник.
Приватниот авион „Embraer Legacy“ се урна на 23 август во близина на селото Куженкино во областа Твер. Во него имало десет луѓе, меѓу кои и тројца членови на екипажот.
Според првичните информации, сите загинале. На списокот на патници што го објави Федералната агенција за воздушен транспорт, во авионот се наоѓал и Јевгениј Пригожин, шеф на групата „Вагнер“.
Рускиот претседател Владимир Путин претходно им изрази сочувство на семејствата на жртвите.