Истражувачка работилница со најмладите што посетуваат градинка во Неготино, реализираше денеска регионалното еколошко друштво ,,Ековита”.
– Ги запознавме со макро и микро светот, преку набљудување со телескоп и микроскоп. Со соларен телескоп го набљудувавме сонцето во претпладневните часови кога не беше многу топло. Микроорганизми и алги, заеднички истражувавме преку микроскоп. Особен интерес и најголем впечаток кај нив, предизвика набљудувањето со дигитален микроскоп, на кожата од нивните рачиња и инсекти, појасни Кристина Тодорова, дипломиран земјоделски инженер и долгогодишен активист во ,,Ековита”.
Таа додаде дека дечињата од клонот „Темјанушка“ при детската градинка ,,Фемо Кулаков, имаа можност да се запознаат и со други еко активности на здружението, што имаат за цел подигнување на еколошката свест, за значењето на чистата и здрава животна средина, како предуслов за подобар живот.
Тодорова ја најави и астрономската работилница што ,,Ековита” ја организира заедно со градската библиотека ,,Страшо Пинџур”, утревечер во паркот кај неготинскиот музеј. Млади неготинци, со телескопи ќе ја набљудуваат месечината, а ќе научат и нешто повеќе за соѕвездието, од страна на стручни лица.
Фото: Детска градинка ,,Фемо Кулаков”