Речиси секој четврти жител на индиската престолнина Њу Делхи веројатно бил заразен со коронавирус, покажуваат резултатите од серолошки тестови (тестови за антитела).Индискиот национален центар за контрола и спречување болести тестирал примероци од крв од 21.387 жители на Делхи. Откриено е дека дури 23,48 отсто од нив имаат антитела на Ковид-19, што укажува дека во минатото биле изложени на коронавирус, јави Си-Ен-Ен.
Според најновите податоци, досега во Њу Делхи се пријавени 125.096 случаи на заразени со вирусот, што е помалку од 1 отсто од нејзината популација. Со околу 16,78 милиони луѓе кои живеат во Њу Делхи, според серолошките тестови, од коронавирусот се заразени околу четири милиони.
Њу Делхи е најтешко погодениот град од коронавирус во Индија, иако пандемијата се шири многу брзо и во другите делови на земјата. Во последните 24 часа, во Индија се пријавени 37.724 нови случаи на заразени со коронавирус.
Индија, со повеќе од 1,19 милиони случаи, е трета земја во светот по бројот на заразени, по САД и Бразил.