Повеќе од кога било порано, причините за нееднаквоста треба да се третираат итно поради бројните закани кои и натаму би можеле да го зголемат јазот во просперитетот, гласи драматичниот заклучок на истражувањето на Мирна Јусиќ за огромниот и се поголем јаз меѓу богатите и сиромашните во земјите од Југоисточна Европа, кое е објавено во издание на германската фондација Фридрих Еберт.
Јусиќ, истражувачка во сараевскиот Центар за општествени истражувања – Аналитика, под поимот Југоисточна Европа мисли на шестте држави од Балканот, кои се стремат кон членство во Унијата, како и на Хрватска.
Според достапните податоци од ЕУ, кои ги опфаќаат и Србија и Македонија, Србија е земја со најголема социјална нееднаквост во Европа, иако, пишува во истражувањето, со споредување на податоците може да се заклучи дека ситуацијата во Босна и Херцеговина е уште полоша.
Хрватска според т.н. Џини-коефициент, со кое се изразува нееднаквоста, се држи сразмерно добро, бидејќи е нешто под просекот на нееднаквост во ЕУ.
Во анализата, пазарот на труд се нарекува „најголем виновник за нееднаквоста“ и тука треба да се почне од ниските стапки на вработеност.
Драматична е разликата во вработеноста на мажите и жените особено во Косово (43,6 проценти вработени мажи и само 13,1 отсто жени) и во БиХ (51,1 отсто мажи и 29,1 процент жени). Во овие две земји најлоша е состојбата и со невработеноста на младите до 24 години – повеќе од половина од нив се без работа.
Но, Мирна Јусиќ се осврнува и на квалитетот на работните места и пишува дека „нестандардните работи кои се потпираат на ниски плати, неизвесното работно време и несигурните работни услови, како и неформалната вработеност, се во пораст и придонесуваат за зголемување на нееднаквоста во приходите“.
Поголеми шанси да бидат невработени или да работат за ниски плати и во неформалниот сектор, како и неплатено, имаат ранливите групи: Ромите, жените, младите, луѓето со инвалидитет.
Еден од важните фактори на големиот социјален јаз на Балканот е и даночниот систем – „главно не постои прогресивен даночен систем, кој би го намалил даночното оптоварување на оние во најлоша социјална состојба“. Наместо тоа, во земјите на регионот, даночните стапки на најниските примања се релативно високи, а на највисоките релативно ниски, со исклучок на Хрватска
Доминатната политика во земјите од регионот, пишува Јусиќ, подразбираше измени во законот за труд за да се зголеми „флексибилноста на работната сила“ и да се олабави и онака слабата законска рамка која ги заштитуваше правата на вработените.
– Претпоставениот значаен ефект од флексибилизацијата на трудовото законодавство на намалувањето на невработеноста и на зголемувањето на вработеноста не се потврди во пракса, пишува во анализата.
Потоа се додава дека владите во регионот ставаат акцент на зголемувањето на конкурентноста и привлекувањето на странски инвестиции, додека за прераспределбата на благосостојбата речиси и да не се зборува.
Како примери авторката ги наведува слабото влијание на колективните договори и отсуството на основно социјално осигурување во случај на невработеност.
Јусиќ за ДВ истакнува дека се чини оти властите во регионот веруваат оти ефикасноста и општествената еднаквост се меѓусебно спротиставени категории, односно дека со отсуството на еднаквост се купува ефикасност.
– Поради очајната социјално-економска ситуација, недостатокот на работни места, закржлавеноста на јавните услуги и безбедносните грижи, земјите во регионот доживуваат значителен тренд на емиграција и загуба на човечкиот капитал, што ќе има штетно влијание врз нивните економии, гласи заклучокот во анализата на Мирна Јусиќ за фондацијата Фридрих Еберт.
Анализата беше претставена на маргините на самитот ЕУ-Западен Балкан во Софија.