Угостителот од Италија, Адо Кампеол, кого медиумите го нарекоа „татко на тирамисуто“, почина на 93-годишна возраст.
Кампеол инаку беше сопственик на „Але Бечери“ (Alle Beccherie), ресторан во северна Италија каде неговата сопруга и готвачот го создале познатиот десерт. Тоа слатко се состои од бисквити натопени во кафе и маскарпоне, и било додадено на нивното мени во 1972 година, но семејството никогаш не го патентирало.
Долго траат спорови за потеклото на тирамисуто, а има и пикантерии дека, на пр., се служел и како афродизијак во јаавна куќа во Тревизо, северна Италија.
Според готвачот кој го смислил рецептот, Роберт Лингванот, десертот бил резултат на случајност додека се правело сладолед од ванила. Потоа го усовршиле со додавање бисквити, натопени во кафе и попрскани со какао – и го нарекле „Tireme Sù“.
Варијантите на тирамису содржат алкохол, како рум или марсала. Сепак, оригиналниот рецепт, потврден од Италијанската кулинарска академија во 2010 година, е без алкохол и може да го јадат и деца.