Италијанскиот производител на оружје „Берета“ е заинтересиран за соработката со српската одбранбена индустрија, особено со компаниите „Застава оружје“ и „Први партизан“, пишува денеска „Вечерње новости“.Како што наведува весникот, „Берета“ може да биде првиот странски партнер кој ќе инвестира во српските воени фабрики, според новиот Закон за производство и промет на оружје.
Министерството за одбрана наведува дека е неопходно да се привлече странски и домашен капитал, бидејќи Србија „и покрај сите инвестиции, нема доволно пари за инвестирање со цел да набави модерна технологија“.
– Тоа ќе ни помогне да ја обновиме и прошириме технолошката база и палетата производи. Очекуваме конкретни понуди од италијанската „Берета“, а имаме контакти и со неколку компании од Чешка, Индија и други земји, велат од Министерството за одбрана.
Во Србија со измените на Законот за производство и промет на оружје овозможено е странско вложување во државни фирми, но најмногу 49 отсто од вредноста на капиталот.