Роберто Буриони е еден од првите италијански научници кои алармираа за епидемијата на коронавирусот, но на почетокот ретко кој го слушаше.
Сега ја предупредува цела Европа да не ја прави истата грешка.
„Не ја потценувајте опасноста. Италија тоа го стори недела дена, некои го нарекоа грип, еден невнимателен доктор рече дека работата ќе спласне за една недела“, вели Буриони.
„Ни треба единство и заеднички пристап“
Буриони (57), професор по микробиологија на Универзитетот „Сан Рафаеле“ во Милано, е најпознатиот виролог во Италија. „За жал, уште од времето на Јулие Цезар, луѓето веруваа во тоа што сакаат да се случи“, рече тој.
Откако Шпанија, Франција и Австрија тргнаа по италијанскиот пат со драконски мерки за ограничување на движењето, Буриони тврди дека цела Европа мора да го стори истото.
„Ни треба единство и заеднички пристап. Инаку, која е поентата на Европската унија?“
Една земја може со драконски мерки да го сузбие вирусот и потоа повторно да се зарази затоа што некои соседни земји не го сториле тоа, вели Буриони, додавајќи дека се потребни максимални напори низ цела Европа.
Тој вели дека не треба да се смета на тоа дека вирусот ќе помине со топлото време
Буриони се согласува со изјава на Ангела Меркел дека коронавирусот може да зарази од 60 до 70 проценти од населението. „Знајте дека ова е нов вирус за кој нема имунитет“, нагласува лекарот.
Тој е запрепастен од одлуката на Велика Британија да дозволи вирусот да се движи слободно низ населението и да ги заштити само најранливите.
“За мене е несфатливо. Да се зборува за ‘имунитет на стадо’ во време кога нема вакцина и кога не знаеме дали заразените ќе добијат имунитет по заздравувањето …тоа е неприфатливо”.
А што е со очекувањата дека потоплото време ќе помогне во спречување на епидемијата?
„Не обложувајте се на тоа. Ние едноставно не знаеме ништо за тоа“, одговара Буриони.
Пред да се стекне со “нели ви кажав“ во борбата против коронавирусот, Буриони стана позната личност во Италија со својата јавна борба со противниците за вакцинирање.
Минатиот месец, тој бурно твиташе против своите сограѓани кои сè уште се гушкаа на плоштадите и плажите, целосно игнорирајќи го ризикот од ширење на Ковид-19.
„Сега конечно се разбудија, но за тоа им требаше хаосот во кој западнавме“.
„Не знаеме кога ќе биде подобро“
Со повеќе од 25.000 пациенти и над 1.800 смртни случаи, стапката на смртност во Италија е околу седум проценти, двојно повеќе од глобалниот просек.
Буриони ова го објаснува со структурата на италијанското општество во кое има повеќе постари лица и повеќе социјално активни.
Сега тоа е готово затоа што сè е затворено во Италија, а на луѓето им е кажано да не ги напуштаат своите домови.
„Не знаеме кога ќе биде подобро. Ситуацијата сè уште се развива. Ние правиме сè што треба да направиме и се надеваме дека ќе видиме резултати за некој ден“, вели Буриони.
Тој потенцира дека мора да се почитуваат ограничувањата, а понекогаш и повеќе од тоа што е потребно. Одењето на трчање, на пример, не е строго забрането, „но сега навистина нема потреба од тоа“.
А како тој се однесува? “Ако видам некој на тротоар, преминувам на другата страна на улицата. Се држам на два метра од останатите и не користам јавен превоз”.
Иако италијанскиот шеф за цивилна заштита, Ангело Борели, препорача да се намалат личните контакти во семејството, Буриони вели дека сè уште е „добро“ да се потпреш на некој во куќата.
„Сепак, да не претеруваме“, заклучи тој.