Долниот дом на италијанскиот Парламент денеска ги одобри плановите на владата за трошење на речиси 200 милијарди евра од помошта на ЕУ за закрепнување на земјата од пандемијата на коронавирусот.
Мерката беше усвоена со 442 гласа „за“, 19 „против“ и 51 „воздржан“.
Сенатот, исто така, во текот на денот ќе гласа за планот за закрепнување. Се очекува тој да мине и меѓу сенаторите затоа што владата има големо мнозинство и во овој дом.
Премиерот Марио Драги во тој случај ќе може да го испрати својот предлог до Брисел пред крајниот рок – 30 април.
Италија ќе добие најмногу пари од европскиот Фонд за закрепнување, вреден 750 милијарди евра.
Помошта ќе се исплати во форма на неповратни средства ( грантови) и поволни кредити.