Иванка Трамп, ќерка на претседателот на САД Доналд Трамп и советничка во Белата куќа, го гаси нејзиниот бренд бренд. Овој потег доаѓа околу една година откако Иванка престана да работи во компанијата.
Компанијата вчера ги информираше своите 18 вработени дека брендот се гаси трајно. Иванка Трамп рече дека сака да избегне какви било потенцијални судири на интереси и дека сака да се фокусира на својот политички ангажман во Вашингтон.
-Кога го покренавме овој бренд, никој не можеше да предвиди дека ќе постигнеме таков успех, напиша Трамп во е-мејл на телевизијата Си-Ен-Би-Си. “По 17 месеци во Вашингтон, не знам кога и дали ќе се вратам на таа работа, но знам дека во догледна иднина сакам да се фокусирам на работата што ја работам во Вашингтон и оваа одлука претставува единствениот чесен исход за мојот тим и моите партнери “.
Под брендот Иванка Трамп се продаваа: облека, модни додатоци, парфеми и друго, а од лансирањето во 2014 година, брендот, според тврдењата на претседателката Абигајл Клем, доживеа значително зголемување на продажбата. „Знам дека ова беше многу тешка одлука за Иванка”, рече Клем, коментирајќи ги вестите за гасење на компанијата.
Брендот Иванка Трамп, од победата на Доналд Трамп на американските избори во 2016 година, мораше да се соочи со неколку контроверзии, а некои од стоковните куќи отворено го бојкотираа.
На пример, некои парчиња облека што се продаваат под брендот Иванка Трамп се произведуваа во Кина, а претседателот Трамп постојано ја нагласува важноста од зголемување на американското производство. Исто така, во април беше одлучено дека царините што САД ги воведе за одредени кинески производи нема да ја вклучат текстилната индустрија, а со тоа и модната марка Иванка Трамп. Трговските куќи Нордстром и Хадсон Беј ја повлекле марката од продажба, бидејќи, како што велат, не се продавала добро.