Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Билјана Ивановска ја повика Лекарската комора да реагира и да побара одговорност од директорот на струшката болница Мухамед Асани.

Таа потенцира дека во ДКСК не се расправало за предметот околу постапувањето на докторот во струшката болница, заради тоа што ЈО отворило предмет за постапувањето докторот. Лекарската комора, вели Ивановска, е таа што треба да утврди дали има или нема одговорност кај докторот бидејќи, посочува, таа е телото што ги издава лиценците.

-Јас изреагирав со мој личен став, иако од вчерашниот разговор со моите голеги гледам дека се на исто мислење дека треба да се утврди одговорност за целиот процес. Мене навистина не ми е јасно како може некој да влезе во болница, да биде се во ред и да излезе без три органи. Ова како граѓанин си го поставувам како прашање. Кога ја добива лиценцата еден доктор, значи дека тој е одговорен, образован, професионалец и професионално ќе си ја заврши својата работа и дека на некој начин треба да ја гарантира безбедноста на пациентите на овој начин се губи довербата и во белите мантили. Она што можеби ние ќе го детектираме како случај во ДКСК е позицијата на господинот Асани како директор на клиниката, бидејќи за него се утврдило дека има ординација која работи на диво. Кој може да гарантира дека тој не ги пренасочува пациентите од својата дива ординација, рече Ивановска во Утрински брифинг додавајќи дека од тој аспект ДКСК треба да ја доведе во прашање неговата одговорност и оти само тој дел е во нивна надлежност.

Таа потсети дека за претседателката на Лекарската комора веќе имало Одлука на ДКСК дека има конфликт на интереси, бидејќи истовремено е и директор, но оти никој не презема ништо по таа одлука.

-Кога се подготвувал законот за сспречување на корупција и судир на интереси се раководело од европските стандарди, кои, меѓу другото претпоставуваат и почитување на законските одредби. Јас не знам што треба ние да направиме и како да и објасниме на претседателката на Лекарската комора таа е во судир на интереси кога таа истовремено е и директорка. Тоа и го објаснивме и во разговор, и беше испратена и одлука. Нашите алатки се дотука. Ние немаме повеќе што да кажеме, вели Ивановска.

Претседателката на ДКСК говореше и за случајот со набавката на вакцини од кинескиот производител Синофарм, и притоа повтори дека Комисијата одлучила да пристапи кон собирање доволно информации.

– Потоа во зависност од прибраните податоци ќе одлучи дали постојат доволно елементи за отворање предмет во надлежност на ДКСК, рече Билјана Ивановска.

Прашана за случајот за набавката на софтверот за изрекување казни за сообраќајни прекршоци преку видеонадзор, што лани го купил Генералниот секретаријат на Владата, таа истакна дека ДКСК ќе отвори постапка за да се истражи процес.

-Сериозни наводи излегоа во медиумите за овој случај и е отворен конкретен предмет да се утврди дали станува збор за патентирање на истиот софтвер, како била спроведена јавната набавка, како биле утврдени потребите, дотолку повеќе што софтверот е набавен, а не се користи, потоа да се види каква била соработката меѓу органите, помеѓу Генералниот секретаријат и МВР, ако се има предвид дека МВР вели дека не им треба таков софтвер. Со оглед на тоа што станува збор за пари на граѓаните, односно од државниот Буџет мислам дека ова е многу сериозно прашање. Од тие причини ние му дадовме приоритет и отворивме предмет за истражување, рече претседателката на ДКСК.

Таа додаде дека Рашковски се уште не бил повикан на разговор оти се уште не е предметот во таа фаза.

Во врска со претходните постапки за Рашковски, Ивановска најави дека наскоро Комисијата ќе излезе со одлука.

-Рашковски беше поврзан со набавка во М-НАВ, но, тој не бил директно вклучен во набавката, туку наводно подоцна бил назначен од страна на Владата да го забрза процесот. Голем дел од работата, да не речам целата е завршена но остануваат некои детали за на крај што треба да се довршат и ќе биде објавена одлука и за тој случај, рече Ивановска.