Оценката на Европската комисија е дека одиме назад, ова е сега аларм со сите црвени светла. Или ќе се одбиеме од дното да зачекориме по вистински пат или ќе продолжиме да тонеме, изјави потпретседателката на Антикорупциска Билјана Ивановска за Тема на денот во Дневникот на Сител.
Таа истакна дека Антикорупциска отвори повеќе предмети за повеќе појави, имале повеќе анализи со препораки до соодветни институции, но тие не се спроведени ни третина.
– Подготвивме и национална стратегија за борбата против корупцијата, ги детектиравме мерките и активностите кои институциите требаше да ги спроведат и се знаеше кој кога што треба да направи, но за жал извештаите од 2021 и 2022 покажуваат дека 20, односно 10% од се спроведени, што значи нема прогрес, изјави Ивановска.
Ивановска посочи дека најсилен ризик од корупција е политичкото влијание, кога не се вистинските луѓе на вистинско место, тогаш има вакви состојби и додаде дека во сите изминати извештаи последните години ЕК препорачува да се почитуваат препораките на ДКСК.
Таа се осврна и на судството каде посочи дека судиите се жалат на притисоци и политичко влијание, како и тоа дека кај нас е проблем неказнивоста.
– Правосудството како ризичен сектор е дел од националната стратегија за борба против корупција. Како една важна активност која требаше да се спроведе беше анализа на корупцијата и од таа анализа произлегоа значајни резултати по кои треба да се преземат решителни чекори. Произлезе дека судиите се жалат дека трпат влијание од претседателите на судовите и членовите на судски совет. Нивно мислење е дека судскиот совет не си ја врши работата, не се врши избор на соодветни судии, лесно потпаѓаат под политички влијанија, изјави Ивановска.