Поранешната претседателка на Антикорупциска комисија, Билјана Ивановска вечерва во емисијата „Бизнис21“ на ТВ21 истакна дека како ДКСК добиле пријава за неправилности на неколку локали низ Скопје, но на крајот како заклучок се извлекло силното влијание на сопствениците на локалите.
„Добивме пријава од анонимен пријавител дека постојат одредени неправилности во работењето на повеќе скопски познати клубови. Во насока на прибавување на потребна документација се обративме до МВР бидејќи самиот пријавител кажа дека пријавувал и во МВР, но и во другите инспекциски служби. Побаравме од Пазарна инспекција да не извести и побаравме од Министерството за економија исто да не извести. МВР не ни ги достави бараните податоци, рече дека не вршеле контроли во последниот месец од 22, иако ние баравме за цела 2022 колку контроли се направени. Од економија добивме чуден одговор велат во нашето Министерство нема регистрирано барање од тој и тој клуб, значи нема ни регистрирано барање, но клубот работи“, вели Ивановска.
Како што додава, инспекторите имале контроли на терен и даваа решенија за ограничување на работата.
„Видовме дека и тоа што го кажувале инспекторите не било испочитувано до крај, не бевме уверени целосно во нивната работа, па така документацијата и нашите наоди ги дадовме до Инспекцискиот совет и до директорот на Пазарна инспекција, меѓутоа од сето тоа, како заклучок, можевме да извлечеме дека всушност станува збор за силни влијанија кои што ги имаат сопствениците на овие познати клубови со лицата кои ја даваат потребната документација во институциите. Влијанието беше очигледно и големо“, вели Ивановска.