Железничката станица Скопје ќе добие изглед на модерна железничка станица, архитектонско решение на спој на стариот изглед од Кензо Танге со додадени нови модерни елементи, вели директорот на ЈП Железници Инфраструктура, Синиша Ивановски во неделното интервју за Радио Слободна Европа.

Според директорот Ивановски, проектот се работи во соработка со Градежниот факултет и Архитектонскиот факултет, а во моментов се работи на отстранување на рекламните паноа.

-Инфраструктура Железница заедно со Градежниот факултет и Архитектонскиот факултет започнавме со проект за поектирање за целосна реконструкција на железничката станица Скопје и внатрешно и надворешно. Ќе се реконструира комплетно со нова електрика, комунална инфраструктура, машински дел, а надворешно ќе биде запазен оној првичен изглед од Кензо Танге со имплементација на нови современи елементи. Овој проект треба да биде готов за година и половина до две од денеска и потоа ќе бараме финансирање за да се реализира ова. Но што до тогаш? Започнавме акција за отстранување на сите билборди што ја грдат самата станица. Дел се постоечки, дел се пред дваесетина години. Потоа имаме една голема акција да ги отстраниме сите графити, сите постери и да ја вратиме првичната боја на столбовите и да го запазиме првичниот изглед без овие графити постери итн, вели Ивановски.