Централната изборна комисија на Косово (ЦИК) информира дека на денешните вонредни парламентарни избори до 11 часот гласале 8,37 отсто од граѓаните со право на глас, јави дописникот на МИА од Приштина.
Конкретно, како што информира претседателкта на ЦИК, Ваљдете Дака на денешната прва прес-конференција, правото на глас во првите четири часа го искористиле 145.650 од вкупно 1.794.862 граѓани колку што се запишани во избирачкиот список. Оваа илезност е помала одошто на парламентарните избори во 2019 година, кога во истото време гласале 9,7 отсто од граѓаните со право на глас.
Дака информира дека досега нема извештаи за неправилности или инциденти на гласачките места.
Гласањето се одвива во 888 гласачки центри со 2.382 избирачки места, кои,без забележителни доцнења се отворија утрово во седум часот и ќе бидат затворени во 19 часот.
На овие, осми по ред повеќепартиски избори за пратеници во законодавниот дом на Република Косово, учествуваат 28 политички субјекти, од кои 21 политичка партија, две коалиции и пет граѓански иницијативи.