Отворениот конкурс на „Лузер Фест“ за пријава на демо изведувачи заврши и направена е селекцијата на осум финалисти од апликациите на млади таленти. За победникот ќе одлучува публиката и жири со тајно гласање за една од групите, кои ќе се натпреваруваат на 3 декември Младинскиот Културен Центар – Скопје.
-Во конкуренција имаме осум бенда кои ни се придружуваат од повеќе краеви од Македонија, и тоа „БЕСЕДА“ од Куманово, метал група која создава моќен звук што ги пробива човечките емоционални граници, „ХАЛФГАД“ (HALFGOD) од Кичево, кои не можат да го одредат својот звук и го опишуваат едноставно како „халфгад“, „ЕНДЕМСКИ ВИД“ од Кавадарци, прераснати од кавер група до авторски бенд, панк-рокерите од Велес „Оловна Рестрикција“, „Џеф Бахами“ (Jeff Bahami) од Битола музика на „професор“ по роботика и неговите хуманоиди, како и три групи од главниот град хеви-метал бендот „Растејнд“ (Ruststained), „МЕНЗЕЛ“ (MENZEL) алтернативна рок група на студенти кои се наоѓаат според заедничкиот интерес кон уметноста и „ХАРАКИРИ“ проект на музичари од разни бендови кои прават обид да го освежат концептот на рок трио, информираат организаторите.
Публиката и жирито, кое ќе биде непосредно објавено пред концертот, ќе одлучуваат за победникот со тајно гласање на вечерта на настанот. Билетот, кој ќе се продава по цена од 100 денари воедно ќе важи за гласачко ливче, на кое со заокружување на својот омилен изведувач ќе биде одреден најдобриот.
-Речиси 20 години традиционалниот предвесник на главната вечер на „Таксират Фестивал“, го става фокусот на младите нови музичари, поттикнувајќи ги да ги покажат своите таленти и можност да продолжат да ја градат својата музичка кариера професионално. Со таа причина, како и досега, за најдобриот следува награда – снимање и издавање на студиски албум во професионално студио, под етикетата на „Пасворд Продакшн“, велат организаторите на настанот.