Македонија денеска ја издаде деветтата еврообврзница во вредност од 600 милиони евра, која ќе се искористи исклучиво за финансирање на обврските по основ на стари долгови, кои доспеваат за отплата годинава, информира Министерството за финансии.
По основ на главница и камата, за сервисирање на стари долгови кон надворешни кредитори, годинава треба да исплатиме 594 милиони евра за главница како и 138 милиона евра за камати. Од нив, најголемиот дел отпаѓа на седумгодишната еврообврзница издадена во 2016 година, и за која само во оваа година треба да се исплати износ од 450 милиони евра, со камата од дополнителни 25 милиони евра.
-Поради доспеаните обврски, деветтата еврообврзница е издадена и покрај затегнатите услови на меѓународните пазари на капитал, за што сведочи и повеќекратното зголемување на референтните каматни стапки од големите централни банки, посочуваат од Министерството за финансии.
Купонската каматна стапка од 6,25 проценти на годишно ниво, која денеска е постигната, укажуваат од МФ, е пониска од пазарните каматни стапки на веќе издадените еврообврзници, со кои во моментов се тргува на меѓународните берзи. Таа е многу пониска и од каматните стапки, кои преовладуваа во последните месеци од овој период на енергетска криза, која сѐ уште трае, и кои се движеа над 8 проценти.
Финансирањето на буџетскиот дефицит за годинава е обезбедено под уште поповолни услови преку Макро-финансиската помош на Европската комисија, Линијата за претпазливост и ликвидност на ММФ и други меѓународни институции, како Светската банка, Европската банка за обнова и развој и Европската инвестициска банка.
Пристапот е, во услови на скапи финансиски пазари, да не се изврши задолжување за целиот одобрен износ до 800 милиони евра, туку само за износот за враќање на старите долгови. Рочноста на новата еврообврзница е само четири години, при што интенцијата е да се оди со пократок период на отплата (наместо, вообичаениот од седум години), за да се намали годишниот буџетски трошок за каматни плаќања, информира МФ.
Побарувачката за деветтата еврообврзница, како што дополнуваат, беше 2,5 пати поголема во однос на понудената сума, што ја потврдува довербата на инвеститорите во нашата економија и економски политики. Каматата на издадената еврообврзница е на исто ниво со каматата на еврообврзниците со слична рочност од држави-членки на Унијата (како Унгарија и Романија) и кандидати за членство во ЕУ (Србија), кои ги издадоа од почетокот на годинава. Иако овие земји имаат подобар кредитен рејтинг, постигнатата купонска каматна стапка е на приближно исто ниво со онаа на деветтата еврообврзница.
Ова е потврда на здравите фундаменти и макроекономски политики кои ги спроведува Владата, како што беше наведено и од страна на ММФ при одобрувањето и прегледот на Линијата за претпазливост и ликвидност, а потврдено и преку макро-финансиската помош од Европската комисија, отворањето на скрининг процесот за почнување преговори за членство во ЕУ, како и посилната (од планираната) фискална консолидација и помалиот јавен долг во текот на 2022 година и во петгодишните проекции. Нашата заложба како Влада за внимателно управување со јавните финансии е преточена во современа законска регулатива, со носењето на новиот реформски Закон за буџети, со кои се поставуваат фискални правила, односно лимити за долгот и буџетскиот дефицит и Фискален совет како независно тело, кое ќе го надгледува неговото извршување, се наведува во соопштението од Министерството за финансии.