На денешниот Саем-Отчет под мотото „4 години работа за тебе“ се обрати градоначалникот на општина Могила, Драганчо Саботковски кој истакна неколку значајни капитални проекти, од кои ја потенцираше изградбата на градинка со сместувачки капацитет за 40 дечиња, како и асфалтирањето на 30-тина улици. Свое обраќање имаше и градоначалникот на општина Новаци, Стевче Стевановски кој ја истакна изградбата на три главни улици и канализационата мрежа со пречистителна станица.

„Еден од поголемите капитални проекти кои се градат во Могила е градинката која е за 40 дечиња, еден од најзначајните проекти за нашата општина во последните 30 години, препотребен беше овој проект бидејќи имаме доста млади и секое барање од родителите беше за сместувачки капацитет во соседниот град Битола, сега ќе имаме можност да ги сместиме нашите дечиња во општина Могила. Исто така имаме 30-тина улици кои во моментот се градат, тоа е еден инфраструктурен бум, 7 улици се веќе асфалтирани, 30 веќе се спремаат за асфалтирања, тоа е во вредност од 2 милиони евра тоа е поголем инфраструктурен зафат. Еден од побитните работи е и канализацијата, се обезбедени 495 илјади евра за целосна изградба на канализациона мрежа во с. Ивањевци, така да во краток период ќе имаме две комплетни канализации“, рече Саботковски.

Градоначалникот Стеваноски ја истакна изградбата на три главни улици за поврзување со новата индустриска зона во Новаци и канализационата мрежа со пречистителна станица.

„Максимални напори вложивме во почеток на изградба на индустриската развојна зона во Новаци којашто ќе биде на површина од 20 хектари, дојдовме до реализација на еден од најголемите проекти во историјата на општина Новаци тоа е изградбата на трите главни сообраќајници коишто ќе ја поврзат новата индустриска зона, чијашто вредност изнесуваше повеќе од 60 милиони денари, улици кои ги исполнуваат сите стандарди. За скоро време ќе ги удриме темелите на новите фабрики кои ќе никнат во општина Новаци“, вели Стевановски.