Палестинскиот премиер Мухамед Штајех денеска оцени дека изјавата на израелскиот министер за финансии Бецелел Смотрич дека не постои палестински народ е доказ дека „расистичка идеологија“ владее со Израел.
Ултрадесничарот Смотрич изјави дека палестинскиот народ е „изум“ на 20 век и дека луѓето како него и неговите баба и дедо се „вистински Палестинци“, пренесоа израелските медиуми.
Коментирајќи ја изјавата на почетокот на владината седница во Рамала, Штајех рече дека „запаливите“ изјави на Смотрич ја покажуваат „екстремистичката, расистичката, ционистичката идеологија која ја води актуелната израелска влада“, пренесе Вафа, официјалната новинска агенција на палестинската управа.
Палестинскиот премиер тврди дека антиквитетите и историјата ја докажуваат поврзаноста меѓу палестинскиот народ и земјата „од почетокот на човечката историја“.
Палестинскиот народ „не е потресен од изјавите на фалсификаторите на историјата и нивните лажни тврдења“, рече Штајех.
– На Палестина ѝ го дадовме името и земјата, нејзината вредност и статус. Ова е наша земја, а Израел е колонијална држава основана од колонијалисти и доселеници, рече палестинскиот премиер.