Покрај досегашните 30 проценти, од 1 јули граѓаните ќе плаќаат за повеќе од 10 отсто поскапа струја.
Ова вчера го изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, а како причина за тоа ги наведе тоа што багерите на РЕК Битола не ископуваат јаглен поради поплава, цената на уличното осветлување и помалото производство на електрична енергија.
– Главната и суштинска работа зошто го споменувам уличното осветлување е лиферуваниот податок дека општините преку уличното осветлување потрошиле 30 милиони денари, рече Мицкоски, додавајќи дека тоа е 1,32 проценти од вкупно потрошената струја за 2021 година.
Математички, според него, е невозможно струјата да поскапе 10 проценти ако само уделот на јавното осветлување е десетократно помал.
-Е сега каде се парите? Од истиот тој извештај на Регулаторната комисија за 2021 година можете да забележите дека во 2021 година се произведени од страна на ЕЛЕМ 3,17 тераватчасови електрична енергија, а само две две години претходно во 2019 година 4,25 тераватчасови електрична енергија. Што значи ЕЛЕМ наместо да произведува односно на тие што го водат приоритет им се договори во четири очи, нагласи Мицкоски. Разликата во пари во производството на струја, според него, изнесува 250 милиони евра.
Решението на ВМРО-ДПМНЕ за проблемот со зголемување на сметките за електричната енергија е земјата да се врати на производството на струја од 2019 година.
– Да се вратиме најмалку од производството од 2019 година и тоа ќе го направиме за шест месеци. Ова денеска што се случува е минус 250 милиони евра, вели Мицковски.
Ги повика граѓаните да се приклучат на нивниот протест на 18 јуни.
– Очекуваме општествена и политичка поддршка. Повикани се сите оние граѓани, политички и општествени субјекти да излезат и да ни се придружат, нагласи Мицкоски.
Уште еднаш нагласи дека предвремени избори треба да има повикувајќи се на резултати од теренски анкети што, според него, покажуваат дека луѓето сакаат предвремени избори.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски денеска од Прилеп ги повика прилепчани и сите граѓани на Македонија да се приклучат масовно на протестот на 18 јуни пред Владата и да побараат предвремени парламентарни избори се со цел решавање на политичка, економска и национална криза.
За некаде од 18тина дена, тоа е за три саботи од денес ќе се случи голем општо народен митинг на кој што очекуваме десетици, па можеби и стотици илјади граѓани да дојдат и да јасно пред Владата на Република Македонија побараат предвремени парламентарни избори на кои што ќе се реши оваа политичка, економска и национална криза, нагласи Николоски
Би сакал да ги повикам сите граѓани од тука од Прилеп, но и од цела Македонија да ни се приклучат. Се надевам дека тој митинг ќе е освестување за СДСМ и ДУИ за после тоа да седнеме и договориме датум за предвремени парламентарни избори како единствено решение за излез од оваа криза. Премногу време се изгуби ни е од април апелираме да се седне и да се разговара и да се формираат четири тима во четирите болни области тоа се финансиите, спорот со Бугарија и евроинтеграциите, здравството и секако образованието. Но, за жал нема одговор од СДСМ и ДУИ, овој митинг е едно сериозно предупредување и порака што е желба на народот и после да одиме на предвремени парламентарни избори за излез од кризата, рече тој.