Специјалната едиција наградени автори, победници на Конкурсот за необјавена поетска книга на македонски јазик, што традиционално се распишува во чест на македонскиот поетски великан Анте Поповски, од денес е збогатена со збирката „50 испеани приказни“ за која авторот Александар Русјаков стана годинешен добитник на престижната награда „Антево перо“. Книгата е во издание на издавачката куќа ТРИ, а наградата ја доделува Здружението за зачувување на делото на Анте Поповски – АНТЕВО ПЕРО Скопје.
Книгата ќе биде промовирана во рамките на централната свеченост на Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“, закажана за 27 септември (среда), во 19:30 часот, во Музејот на македонската борба за самостојност, по што на авторот ќе му биде врачен и првиот отпечатен примерок.