Петтата книга од Одбраните дела на проф. д-р Марко Китевски „Фолклорот од Македонија“, која што излезе неодамна од печат во издание на „Гирланда“, ги содржи петдецениските истражувања на Китевски за голем број собирачи на македонски фолклорни материјали, како и на најзначајните зборници со македонски народни умотворби. Меѓутоа, важно за овој ракопис е што во него се застапени и истражувања на помалку познати собирачи на македонски народни умотворби, чии записи имаат суштествено место во науката за фолклорот и коишто заслужуваат да бидат пошироко афирмирани.

Во книгата соодветно внимание им е посветено на браќата Миладиновци, Кузман Шапкарев, Марко Цепенков и други, кои први ја согледаа вредноста на народните умотворби и започнаа со нивно собирање и истражување, а нивните записи ги изнесоа на показ духовните вредности на македонскиот народ и го сместија меѓу културните народи на Европа.

Во ова дело, Китевски ги претставува и истражувањата за Вук Караџиќ и Стефан Верковиќ двајца странци кои меѓу првите ги согледале вредностите на македонскиот фолклор и објавиле далекусежни записи запознавајќи ја во тоа време европската и посебно славистичката наука со фолклорот од ова поднебје.

Во поглавјето пак, „Музичката традиција во Македонија“ авторот пишува за повеќе прашања поврзани со музичкиот живот во Македонија во минатото. Текстовите за фолклорната традиција во Охридско, Битолско, Прилепско, за фолклорот од Егејска Македонија и етнолошките и фолклорните традиции од Малешевијата заслужуваат посебен интерес, како и трудот за ансамблот „Танец“ како чувар и афирматор на македонските фолклорни традиции.

Ова капитално дело се појавува кога проф. д-р Марко Китевски полни 75 години возраст и педесет години творечка дејност, а со овој ракопис се одбележува и 80-годишнината од објавувањето на збирката со наслов „Збирка на македонски народни песни“ од Блаже Конески.

Китевски е професор во пензија во Институтот за македонска литература и автор на седумдесетина книги и други трудови. За своето творештво, добитник е на наградите “13 Ноември” на град Скопје, “Ѓорче Петров” на општина Ѓорче Петров, „Св. Климент Охридски“, како и на “23 Окромври”, највисоката државна награда за долгогодишни остварувања од национален интерес.бдн/бт/