По повод 1000-годишнината од основањето на свештената бигорска обител, во Македонската академија на науките и уметностите во соработка со Дебарско-кичевска епархија и со Бигорскиот манастир денеска беше отворена изложба на древни икони и црковни предмети.
Изложени се икони и свештени предмети што потекнуваат од 16, 17, 18 и 19 век, како и трите хартиени (графички) икони и двостраната графичка бакрорезна плоча клише за печатење на овие икони. Дел од изложбата се и свештеничките одежди, изработени во бигорската шивалница во втората половина на 18 век.
-Имајќи ја во предвид децениската соработка со оваа највисока научна институција во државата, нашата свештена Обител срдечно им се заблагодарува на нејзиниот претседател Љупчо Коцарев и на сите нејзини членови кои дадоа свој придонес за достојна прослава и промоција на јубилејот 1000 години од основањето на бигорскиот манастир, чија што централна манифестација ќе се одржи на 18 октомври, велат од Бигорскиот манастир.
Изложбата ќе биде отворена до 1 ноември.