Во Музеј галеријата во Неготино синоќа беше отворена изложба на фотографии од македонски традиционални носии од 1926 година, изработени од германскиот фотограф Курт Хилшер (1881-1948), кој е автор на илјадници фотографии направени во 1920-тите и 1930-тите години.
-Во изложбениот салон се поставени 21 фотографија, на нив се претставени традиционални средини и народни носии од Скопје, Охрид, Ново Село-Штип, Велес, Кратово. Овие фотографии првпат биле издадени во книгата на фотографии од Курт насловена „Yugoslavien“, рече директорката Драгица Чекорова, осврнувајќи се на идејата за реализација на оваа изложба.
Владимир Јаневски, професор по етнолошки науки при Универзитетот ,,Гоце Делчев” во Штип на отворањето на изложбата рече дека таа се претставува низ повеќе градови во земјава, а за време на „Охридско лето“ ќе биде поставена во Охрид. Рече дека пред неколку години случајно ја нашол книгата „Yugoslavien” и бил многу среќен поради тоа.
Како љубители на македонскиот фолклор беа присутни и гости од Холандија и Белгија, кои, како што рекоа, одушевени се од изложбата, музејот и воопшто од Неготино.