Од општина Ѓорче Петров информираат дека извесна Ивана во име на Општина Ѓорче Петров и градоначалникот Александар Стојкоски во изминатиот период се јавува и појавува во угостителски објекти при што нарачува храна и пијалоци, наводно за општината и градоначалникот.
-Лицето по извршената нарачка бара фактурите за испорачаната услуга да гласат и да им бидат доставени на фирми кои соработуваат со Општина Ѓорче Петров. За фирмите доставува потребни податоци за изготвување на фактура, информираа денеска од општината.
Преземени се дејствија од страна на Општина Ѓорче Петров во однос на прибирање на сите докази и пријавување на случајот до надлежните органи.
-Најостро го осудуваме овој чин на измама и истовремено информираме дека Општина Ѓорче Петров нема склучено Договор за угостителски услуги и не врши набавка на угостителски услуги. Целосно се оградуваме од постапките на лицето и апелираме до угостителските објекти да не подлегнуваат на измамата. Доколку се соочат со истата бараме да бидеме веднаш известени на контакт бројот во Општина Ѓорче Петров, 02 20/44-411, или на kontakt@opstinagpetrov.gov.mk, како и да го пријават случајот во полиција, информираа од локалната самоуправа.