Измените и дополнувањата на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и Законот за странци го поминаа првото читање во матичната комисија во Собранието. Главна новина во Законот за сообраќај и безбедност е имплементација на проектот „Безбеден град“, односно на сообраќајните прекршоци документирани со безбедносните камери.

Со овој закон, како што појасни министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, меѓу другото, се дефинира и веродостојната исправа за сторен сообраќаен прекршок, утврдување на записник со прекршочен патен налог како единствен документ, регулирање на постапка за констатирање и документирање на сообраќајните трошоци со технички средства и уреди.

-Се дефинира и посебна глава за прекршоци документирани со технички средства, бришење на возачката книшка којашто во суштина и повеќе не е во практична функција, воведување на одговорност со глоба од 500 евра за лице кое прифаќа вина во име на друго лице кога електронскиот запис недвосмислено го утврдува сторителот кој што не е тој кој што признава вина, истакна Тошковски.

Воедно, измените ги разгледуваат и прашањата што се предмет на законот за прекршоци, однсно доставата на прекршочните анализи преку електронска пошта или порака на мобилен телефон, правото на судска заштита, присилна наплата на глобите како и постапувањето при прифаќање или одбивање одговорност за сторен прекршок.

– Особено внимание е посветено на сериозните сообраќајни прекршоци како што се: возење по дејство на алкохол или дрога, возење во забранета насока и пречекорување на брзината коишто честопати претставуваат и елементи на кривичното дело безобзирно управување со моторно возило. Тука се врши суштинско преиспитување и разграничување на прекршочната и кривичната одговороност, појасни Тошковски.

Министерот за внатрешни работи ги образложи и измените на Законот за странци кои според него, претставуваат одговор на реалните потреби на државата и економијата со оглед на тоа што, како што рече, имплементацијата на стратешките инфраструктурни проекти бара присуство на голем број странски работници.

-Со предвидените решенија се создаваат услуги за нивно непречено ангажирање, но истовремено се задржуваат механизми за контрола и управување со вработувањата на странците. На тој начин обезбедуваме законска рамка што ги следи современите стандарди и ги елеиминира административните пречки со јасна цел – непречен реализација на стратешките проекти и подобрување на инвестициската клима во Македонија, појасни Тошковски.

Членовите на собраниската Комисија за одбрана и безбедност ја увоија и предлог-одлуката за испраќање припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во меѓународната операција на Европската унија „АЛТЕА“, во Босна и Херцеговина во второ читање.